Анѓушев се сретна со хрватската амбасадорка Баришиќ: Македонија и Хрватска ќе работат на интензивирање на економската соработка  

Спроведувањето на економските реформи, особено за процесот на привлекување на инвестиции во Македонија, како и интензивирањето на економската соработка меѓу двете земји, беа главните теми на средбта во вторникот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ.

Амбасадорката Баришиќ ѝ посакала успех на Владата и истакнала дека Република Хрватска, како членка на Европската унија, ги поздравува чекорите кои владата лада ги прави во однос на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, но и за подобар живот на граѓаните, информираат од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

Амбасадорката покажала интерес за најавениот нов концепт за привлекување на странски инвестиции, при што истакнала дека е особено важно инвеститорите да се чувствуваат сигурни и државата да гарантира безбедност на капиталот.

Вицепремиерот Анѓушев порачал дека Владата ќе направи измени во концептот за привлекување на странските инвестиции, за кој уверува оти ќе биде транспарентен, критериумите јавно објавени, а и домашните инвеститори ќе добијат исти услови како странските.

„Работиме на нов модел за привлекување на инвестиции, кој ќе биде транспарентен и ќе овозможи поголема соработка помеѓу домашните и странските компании. Ќе привлекуваме реномирани странски компании да дојдат во нашата земја, а паралелно ќе ги поттикнуваме домашните инвеститори технолошки да се развиваат, да бидат извозно ориентирани, воедно да станат добавувачи на странските, со што би го подигнале нивото на меѓусебна соработка. Странските инвеститори се добродојдени, но мора да ги развиваме домашните фирми, за одржлива економија која ќе продуцира повисоки стапки на раст“, потенцирал Анѓушев.

Соговорниците заклучиле дека меѓусебната економска соработка треба да продолжи да се развива и дека поддршката од Хрватска на евроатлантскиот пат на Македонија е многу значајна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.