Анѓушев своето домашно салдо го надоградува со милионски тендери

Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја искористи својата функција да си додели тендер сам на себе од неверојатни 2.6 милиони евра и тоа од ЕЛЕМ на својата фирма „Фероинвест“. Анѓушев се откажа од својата плата во висина од околу 1.000 евра но очигледно е дека своето домашно салдо го надоградува со милионски тендери и тоа во висина од 2.6 милиони евра, истакна Славче Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Трпески вели дека за да се оправда самиот себеси и криминалната врхушка се обидува да ја изманипулира македонската јавност со смешни образложенија дека тој не е управител на фирмата „Фероинвест“, туку дека управител е друго лице, а тој е само сопственик.

-Ова е скандал од огромни размери. Сите независни правни експерти го осудија вицепремиерот Анѓушев, кој додели тендер сам на себе во висина од 2.6 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за вакви „бонбона бизнис” намери на оваа влада, дека нивната примарна цел е само личен интерес и личното богатење со парите на граѓаните, а тоа се потврди и во изминатите 100 дена. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува надлежното Јавно обвинителство да отпочне постапка за утврдување на кривична одговорност дали и под кои услови тендерот е доделен на фирмата „Фероинвест“ која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Трпески посочува дека поради сето ова на 15-ти октомври граѓаните на Република Македонија ќе стават крај на ваквото криминално работење на владата на СДС.