„Анима Мунди“ бара да се забрани користењето коњи во запреги

Здружението „Анима Мунди“ упати јавен повик до Агенцијата за храна и ветеринарство, односно до нејзиниот директор Дејан Рунтевски, до градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски како и до Советот на град Скопје да се забрани употребата и искористувањето на коњите на територија на град Скопје во запреги.

„Свесни сме дека коњите најчесто ги користат сиромашните слоеви на населението, оние на кои судбината и општеството не им дала поинакви опции, оние што немаат услови за поинаку. Со нив сочувствуваме и не осудуваме никого, но сметаме дека никој нема право да живее врз маките на недолжните животни. Затоа бараме да се запре мачењето на животните и да се стави крај на пеколот што го живеат на скопскиот асфалт. Бараме Скопје да биде препознаено по хуманоста, а не преку мачењето на животните по улиците кое е трауматична слика за секој жител, но и бројните странски посетители кои не контактираат и кои се шокирани од она што го гледаат во главниот град на Република Македонија“, се вели во апелот.

Анима Мунди почнаа и петиција за забрана на користењето на коњите за влеча.

Здружението за заштита на животните предлага процесот да се одвива во четири фази, а на институциите и нуди и стручна, волонтерска и секаква друга помош.

Во првата фаза би се евидентирале коњите на територија на Скопје, би се утврдувале и нивната психофизичка состојба и секако сопствениците на тие коњи, во што би се вклучила и Анима Мунди. Во втората фаза би се обезбедила соодветна локација за сместување на коњите кои се сега во запреги, каде до 50 животни би имало соодветна нега, каде исто така би се вклучиле членовите на Анима Мунди.

Во третата фаза би се одземале сите коњи кои ќе се проценат како најизнемоштени, стари, болни, повредени и нивно сместување во наменското живеалиште. Кога ќе се реализира тоа, Анима Мунди предлага во продолжение да се одземат сите коњи.

Во четвртата фаза што ја предлага Анима Мунди, сите луѓе што ги користеле коњите за влеча, би биле обештетувани со соодветни превозни средства.

„Воедно, бараме коњите, тие прекрасни битија, да бидат спасени и заштитени, а не преку ноќ некаде да исчезнат, да не бидат продадени во кланици или како храна за животни во зоолошки, ловишта, или нешто слично. Бараме резерват за коњите кој ние би помагале со осмислување на Програма за работа и едукација, грижата за животните; неговата промоција и обезбедување на дополнителни средства“, велат од Анима Мунди.