Анкара го повика на консултации холандскиот амбасадор, поради резолуцијата за геноцид

Официјална Анкара го повика во петокот на консултации вршителот на должноста во холандската амбасада во Турција и му ја соопшти својата осуда, ден откако холандскиот парламент изгласа резолуција со којашто се повикува на признавање на геноцидот над Ерменците пред еден век.

Турските власти му ја соопштиле на холандскиот дипломат својата реакција и го осудиле споменатото гласање, изјави функционер на турското министерство за надворешни работи.

Холандскиот парламент во четвртокот усвои резолуција со којашто масакрот над 1,5 милион Ерменци во текот на Првата светска војна се признава како геноцид, и покрај тоа што владата соопшти дека тоа нема да биде официјална политика на Холандија.

Турција прифаќа дека многу христијански Ерменци кои живееле во Османлиското царство се убиени во судирите со османските сили во Првата светска војна, но ги оспорува тврдењата дека се убиени 1,5 милиони луѓе и протерани многу други, и негира дека убивањата биле организирани во кој случај би претставувало геноцид. Исто така, тврди дека и многу муслимански Турци биле убиени во тој период.

Досега дваесетина земји овие настани ги осудија како геноцид. Прв тоа го стори Уругвај во 1965 година, а потоа неговиот пример го следеа Кипар, Русија, Канада, Либан, Белгија, Франција, Грција, Италија, Германија и други земји, како и Европскиот парламент, Советот на Европа, Светскиот совет на црквите итн.

Холандскиот парламент, исто така, во четвртокот одобри испраќање владина делегација во ерменската престолнина Ереван на 24-ти април, на комеморацијата на масакрот извршен во периодот од 1915 до 1917 година.

„Ја осудуваме на парламентот, за нас таа е ништовна“, изјави за новинарите во петокот турскот министер за европски работи, Омер Челик. Забележа, меѓутоа, дека „важен“ е ставот на холандската влада.

Официјална Анкара во четвртокот ѝ порача на Холандија да се присети на масакрот во Сребреница во 1995 година, кој е прогласен за геноцид врз бошњачкото население извршен од силите на босанските Срби, случај во кој холандската држава е прогласена делумно виновна за смрт на најмалку 350 муслимани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.