Анкета: 91 процент од Бугарите сметаат дека македонскиот јазик е ист со бугарскиот

Бугарите имаат позитивни ставови кон Македонија, а 51 отсто од нив сметаат дека Македонците се слични или исти со Бугарите, покажа последното истражување на бугарскиот Институт за политика, посветено на односите меѓу Бугарија и Македонија.

Како што пренесува бугарскиот портал „Днес“, на прашањето дали постои македонска нација, различна од бугарската, 72 отсто од испитаниците одговориле дека македонскиот народ бил основан во 20 век и е близок на бугарскиот.

Вкупно 64 отсто од анкетираните ја признаваат вредноста на заедничката историја, а 27 од испитаниците сметаат дека покрај тоа, историјата нема никаква врска со модерното време.

Во однос на јазикот, 91 процент од Бугарите тврдат дека јазикот што го зборуваме е ист или заеднички, а само 8 отсто сметаат дека бугарскиот и македонскиот јазик се различни јазици.

На прашање дали Бугарија треба да го поддржи влезот на Македонија во ЕУ, 87 отсто се изјасниле позитивно, а 80 отсто од испитаниците сметаат дека Бугарија е мост за Македонија на патот кон членството во ЕУ. Во истражувањето се наведува дека 87 отсто од испитаници стекнале нови знаења и го подобриле ставот кон Македонија во август годинава, по потпишувањето на Договорот за добрососедство.

Вкупно 85 отсто од испитаните Бугари сметаат дека минатото создало вештачка дистанца меѓу граѓаните на двете земји и дека двете земји и нивните граѓани имаат заедничка историја или периоди од нив. Анализата покажува дека 43 отсто од Бугарите го признаваат правото на Македонија да го идентификува својот јазик самостојно.