Груевски со најголема поддршка, победа за ВМРО-ДПМНЕ ако има избори

Доколку утре се одржат парламентарни избори дури 26,1 отсто од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека лидер на политичка партија со најголема поддршка од граѓаните е Никола Груевски, покажуваат податоците од телефонската анкета која што ја спровел Институтот „Димитрија Чуповски“.

На истото прашање, 15,1 отсто од испитаниците се одлучиле за СДСМ, додека од партиите од албанскиот блок, ДУИ има 7,9, а ДПА 3,9 отсто. Дури 28,3 отсто од испитаниците не дале никаков одговор, додека 15,3 отсто се изјасниле дека нема да гласаат за ниту една партија.

Премиерот Никола Груевски и понатаму е лидер на политичка партија со најголема поддршка која процентуално изнесува 26,7 отсто, додека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, има поддршка од само 7,5 отсто. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, според анкетата, има поддршка од 7,2 отсто од испитаницие, додека претседателот на ДПА, Мендух Тачи 3,8 отсто.

За „ниту еден“ од посочените политичари се одлучиле 26,5 отсто од испитаниците, додека со „не знам“ одговориле 18,3 отсто од анкетираните граѓани. За поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, поддршка искажале само 1,5 отсто од испитаниците.

На прашањето која политичка партија ќе победи на следните избори, за ВМРО-ДПМНЕ се определиле дури 32,9 отсто, за СДСМ 14,8 отсто, додека за ДУИ и ДПА 8,6 односно 3,7 отсто. На истото прашање со „не знам“ одговориле 38,8 отсто од анкетираните.

Телефонската анкета била спроведена во периодот меѓу 24-ти и 26-ти јануари, годинава, на 1.530 испитаници, а цета на истражувањето била да се измери поддршката на граѓаните кон политичките партии и политичките лидери во Република Македонија.

Во анкетата, со која била опфатила целата територија на Република Македонија, биле содржани сите изборни единици, но и други релевантни демографски карактеристики на населението како пол, возраст, и етничка припадност. Дополнителна поделба била направена и според руралните и според урбаните места на живеење. Сите резултати од анкетата подлежат на статистичка грешка од +/-  2 проценти.