Анкета на ИРИ: ВМРО-ДПМНЕ со убедливо најголем рејтинг

Новата анкета на ИРИ освен веќе објавените податоци за јавното мислење кои се однесуваат на актуелни политички теми опфати други општествени теми и прашања, како што е перцепцијата за економијата, владеењето на правото и правната држава, меѓуетничките односи.

Резултатите од анкетата покажале дека ВМРО-ДПМНЕ бележи највисок рејтинг. Владејачката партија бележи голема предност пред останатите партии во однос на прашањата, ДУИ има поголема доверба во однос на овие прашања од СДСМ, додека пак ДПА за секое прашање бележи најмал процент на доверба.

Резултатите од анкетата покажале дека најголем дел од испитаниците сметаат дека владејачката ВМРО – ДПМНЕ, со висока предност пред останатите партии, е најспособна партија за решавање на проблемот со економијата и невработеноста.

Триесет и четири отсто од испитаниците одговориле дека токму владејачката партија е најспособна за справување со проблемот со економијата и невработеноста. Наспроти овие 34 отсто, за СДСМ се одлучиле 7.3 отсто од испитаните лица, за ДУИ 9.3, додека за ДПА 2.5 проценти.

ВМРО-ДПМНЕ добила најголема доверба од страна на испитаниците и кога станува збор за тоа што сметаат, која партија е најспособна за решавање на проблемот со владеењето на правото/правната држава, односно 26.5 отсто.

9.1 отсто од испитаниците сметаат дека СДСМ најдобро би го решила проблемот на владеењето на правото/правната држава. Ист процент на доверба од страна на испитаните лица добила и ДУИ, додека за ДПА се определиле 2.4 отсто од испитаниците.

Тројно поголем број испитаници сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија најспособна да го реши проблемот на меѓуетничките односи, за разлика од СДСМ. Односот е 24.9 отсто кои одговориле ВМРО-ДПМНЕ, наспрема 8.7 отсто се решиле дека СДСМ е најспособен да го реши ова прашање. Поголема доверба врз основ на ова прашање од СДСМ има ДУИ, со 12.8 отсто, а пак за ДПА се одлучиле 2.6 отсто од испитаниците. Триесет отсто од испитаниците одговориле дека не знаат која партија најдобро би се справила со овој проблем.

На прашањето која партија е најспособна за решавање на проблемот со корупцијата, повторно кај испитаниците предводник е владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со 26.9 отсто, наспрема 6.7 отсто за опозициската СДСМ, 8.7 отсто за ДУИ и 2.2 отсто за ДПА.

Резултатите од анкетата покажале дека најголем број испитаници, односно 32.2 отсто одговориле дека ВМРО-ДПМНЕ е најспособна за решавање на проблемот со безбедноста и стабилноста во земјата.

8.4 отсто од испитаниците рекле дека тоа најдобро го може СДСМ, 9.1 отсто се определиле за ДУИ, а 8.4 отсто за ДПА.

И на прашањето која партија е најспособна за решавање на локалните проблеми убедливо е процентното водство на владејачката партија. 30.4 отсто од испитаниците одговориле дека најспособна за решавање на овој вид проблем е ВМРО-ДПМНЕ, само 8.5 отсто одговориле дека тоа е СДСМ, 11.1 отсто сметаат дека тоа е ДУИ, додека пак 2.6 отсто рекле дека тоа е опозициската ДПА.

Истражувањето е направено од 29-ти август до 5-ти септември, врз репрезентативен примерок од 1101 испитаник во целата држава.