Анкета: Речиси 70 отсто од Турците не користат интернет

Речиси 70 отсто од Турците не користат интернет, покажуваат резултати од истражување објавено од турскиот весник „Тудејс заман“, пренесе МИА.

Според резултатите од анкетата спроведена од агенцијата Ипсос меѓу 16 илјади лица во седум турски окрузи, 84 отсто од Турците изјавиле дека повеќе гледаат телевизија, отколку што користат интернет.

Околу 60 проценти од анкетираните изјавиле дека не се загрижени од цензурата на медиумите во земјата. Според анкетата мнозинството Турци не се интересираат за култура. Околу 96 отсто од анкетираните никогаш не биле на балет или опера, 73 проценти никогаш не биле на концерт, а 56 отсто изјавиле дека никогаш не слушаат музика, додека 29 проценти не слушаат радио.

Според анкетата 45 проценти од Турците не читаат книги, а 29 отсто не читаат весници.

Анкетата покажува дека Турците ретко патуваат за време на одморот. Околу 55 отсто од анкетираните никогаш не биле на одмор во земјата, а 94 проценти никогаш не биле на одмор во странство.

Околу 40 отсто од анкетираните два пати неделни ги посетуваат своите роднини, а 38 проценти никогаш не биле во ресторан со своите семејства. Над 70 отсто од турските граѓани изјавиле дека се сметаат за конзервативни.