петок, 2 декември 2016  |  Вести денес: 76

Анкета: Странските инвеститори задоволни од бизнис и инвестициските политики

Ова го покажува најновата владина анкета спроведена изминатите три недели на 30 странски инвеститори во Македонија од автомобилската, преработувачката индустрија и други сектори.

133391255

Последни вести

 Бизнис и инвестициските политики на Владата се поставени на стабилни основи, а странските вложувачи се задоволни од условите за водење бизнис и инвестирање. Како најповолни ги посочуваат ниските трошоци, проактивноста на владините институции, како и географската локација на земјата, односно лесниот пристап до европскиот пазар.

Ова го покажува најновата владина анкета спроведена изминатите три недели на 30 странски инвеститори во Македонија од автомобилската, преработувачката индустрија и други сектори.

Како што соопштиja денеска на заедничка прес-конференција во Владата вицепремиерот Владимир Пешевски и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Виктор Мизо, 96 отсто од анкетираните фирми се задоволни од инвестициската клима, 82 процента сметаат дека е одлична или многу добра, а 86 отсто повторно би ја избрале Македонија за реализација на своите инвестиции.

– Анкетата е уште една потврда за добрата бизнис и инвестициска клима во Македонија, за можноста за поинтензивен економски раст, како и за вистинската насока во која се движат владините политики. Сепак, постои голем простор за напредок поради што продолжуваат напорите за постигнување уште подобри резултати, истакна Пешевски, најавувајќи креирање нов сет-мерки во оваа сфера.

Според анкетата, над 50 отсто од странските инвеститори ги имаат проширено инвестициите во земјава, а преку 80 проценти предвидуваат отворање нови линии за производство. Повеќе од 50 гринфилд и браунфилд странски инвестиции во изминатите години ги реализирале своите инвестиции во земјата при што бројот на вработени лица до крајот на годината ќе достигне 18.000, а со бизнис плановите на веќе постоечките компании оваа бројка за неколку години ќе се искачи на над 35.000.

– Посебно радува фактот што 93 отсто од анкетираните компании би ја препорачале Македонија како добра инвестициска дестинација кај своите партнери, што е и една од нашите цели. На овој начин, странските инвеститори во Македонија стануваат своевиден нејзин промотор и преку нивниот пренесен збор и други компании ќе пројават интерес за инвестирање во земјава, потенцира Пешевски.

Вкупно 61 отсто од анкетираните компании сметаат дека за време на нивното работење бизнис климата е подобрена, а 71 процент имаат доверба во Владата дека ќе продолжи да спроведува мерки за понатамошно подобрување.

– Како главни сектори во кои анкетираните компании гледаат можност за подобрување и главен предизвик, се политичката нестабилност и зголемувањето на базата на домашни компании кои би можеле да бидат нивни добавувачи. Во однос на политичката криза, веруваме дека по изборите на 11 декември граѓаните ќе го дадат својот глас и Владата ќе продолжи со несмалено темпо да ги реализира проектите кои се во тек, рече Пешевски.

Мизо се надоврза со податокот дека 68 отсто од странските инвеститори во Македонија се задоволни од владината поддршка, односно сметаат дека е таа одлична или многу добра, додека две третини или 75 отсто од компаниите кои имале какви било проблеми се задоволни од одличната ефикасност на државните институции.

– За 82 отсто од компаниите поддршката од Владата е важен важен фактор што директно влијае врз нивната одлука за проширување на инвестициските активности. Ова е она што континуирано го кажуваме – дека соработката со инвеститорите е есенцијална, активно работење е неопходно не само до моментот на нивното привлекување, туку и од почетокот на градежните активности се до целосно вклопување во работата, подвлече директорот на Дирекцијата на ТИРЗ.

Мнозинството од компаниите, додаде, имаат капацитети во многу земји од Европа, но и во светот, што значи дека се мултинационални и нивното меѓународно искуство е многу значајни во креирањето на владините политики и бизнис климата.

– Континуирано овие компании даваат сугестии за подобрување на бизнис климата со конкретни примери – како проблемите или неефикасностите на системот да се решат на поинаков начин во рамки на правилата и законите на ЕУ, предочи Мизо, осврнувајќи се на владиниот Економски совет кој на заедничка маса ги седнува министерствата, владините агенции и институции со странските инвеститори.

Мизо и Пешевски информираа дека над 500 домашни компани веќе соработуваат со странските, при што е остварен приход од над 50 милиони евра, но и во овој сегмент постои голем простор за напредок.

Анкетата е спроведена како дел од континуираниот дијалог на Владата со странските инвеститори во Македонија со цел да се слушне нивната оценка и мислење, да се детектираат можностите за подобрување на натамошните политики и мерки, но и за да се искористат искуствата на присутните странски компании во претстојните преговори и дијалози со потенцијалните нови инвеститори.

– Република Македонија станува се по видлива за сериозните странски инвеститори, а Владата ќе продолжи да ја подобрува бизнис климата со унапредување на регулативата, олеснувањето на постапките за престој, добивањето работни дозволи и подобрувањето на инфраструктурата за да се обезбедат нови работни места и повисок економски развој на земјата, заклучија Пешевски и Мизо.

Одговорајќи на новинарски прашања, Пешевски нагласи дека честите законски измени се во насока на прилагодување кон ЕУ регулативите, а се главно иницирани од самите компании.

Најчитани вести