Анри заврши со фудбалската, започна со телевизиска кариера

Легендарниот француски напаѓач Тиери Анри, кој пред петнаесетина дена го напушти Њујорк Ред Бул, вчера и официјално стави крај на својата фудбалска кариера.

“По 20 прекрасни години, одлучив да се повлечам од професионалното играње на фудбал. Ова беше неверојатна авантура за мене и сакам да им се заблагодарам на сите навивачи и сите соиграчи кои се поврзани со Монако, Јувентус, Арсенал, Барселона, Њујорк Ред Бул и секако француската фудбалска репрезентација. Време е да започнам нешто ново во мојот живот и мило ми е што можам да кажам дека се враќам во Лондон” – порача Анри на својот официјален Фејсбук профил.

Иако имаше најави дека Французинот би можел да се врати во “својот” Арсенал како дел од стручниот штаб на Арсен Венгер, сепак тоа нема да случи. Анри соопшти дека постигнал договор за соработка со “Скај Спортс”, каде заедно со Џејми Реднап, Гери Невил и Џејми Карагер ќе ја има улогата на спортски аналитичар.

Анри освои се што можеше да се освои, како на клупски, така и на репрезентативен план, а ќе биде запаметен како еден од најдобрите напаѓачи во историјата на Арсенал.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.