Антиќ донираше за Гешовски

Перо Антиќ го исполни ветувањето и донираше средства за поранешен кошаркар на МЗТ Скопје и Работнички Стеван Гешовски – Гешо, кому му се е потребна помош за лекување во Русија.

Откако преку соопштение КК Гостивар најави дека нивниот претседател Перо Антиќ ќе ја покрие сумата од 8.000 евра која недостасуваше Гешовски да замине на лекување, тоа денеска и официјално го стори Перо, кој на својот „Фејсбук“ профил покрај пораката со желба дека средствата ќе помогнат во подобрувањето на здравствената состојба на популарниот Гешо, ја постираше и уплатата.

„Се надевам дека братот Гешо во скоро време ќе скокне до Русија и колку-толку ќе ги среди проблемите. Не е фалење, луѓе! Ова е од срце, за човек што го познавам од мојот почеток во кошарката. И огромно благодарам до моите браќа, управниот одбор на КК Гостивар“, напиша Антиќ на својот „Фејсбук“ профил.

Стеван Гешовски – Гешо пред две години доживеа исхемичен мозочен удар, а како последица на тоа, има отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетиете, за што е потребно лекување со матични клетки во една клиника во Москва.

Пред Перо Антиќ, во акцијата за донација и помош на Гешовски претходно се вклучија и МЗТ Скопје и Работнички, кои ги донираа средствата од дерби дуелот, како и Македонската кошаркарска федерација, но и кошаркарските судии кои тоа го сторија уште во март месец.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.