Антикапиталистички демонстрации во Лондон

Неколку илјади антикапиталистички активисти демонстрираа низ центарот на Лондон, протестирајќи против „политичкото угнетување“.

Сите демонстранти на лицата носеа маски со ликот на Гај Фоукс и поминаа од централниот лондонски плоштад „Трафалгар“ до Парламент скверот, каде се наоѓа зградата на британскиот Парламент.

Синоќешнните демонстрации беа дел од глобалниот протест „Марш на милион маски“ што го организира групата „Анонимни“.

Организаторите на лондонскиот протест соопштија дека тој се одржува против острите владини мерки за штедење и нарушувањето на правата на луѓето.

Во текот на маршот по улиците на Лондон демонстрантите извикуваа „има само едно решение – револуција“.

Некои од највоинствените демонстранти се обидоа на неколкупати да предизвикаат немири и пресметка со полицијата, откако почнаа да фрлаат по полицајците, но и по минувачите, делови од сообраќајните ознаки по улиците и да ги кршат сообраќајните знаци.

Некои демонстранти фрлаа запаливи ракети, дури и меѓу присутните шетачи на плоштадот „Трафалгар“, но засега нема информации дека кој било од минувачите е повреден. Полицијата соопшти дека биле уапсени шест лица за разни престапи, главно за насилничко однесување.

Групи демонстранти се упатија да протестираат пред Бакингамската Палата, која е службената резиденција на британската кралица, како и пред новиот телевизиски центар на Би-Би-Си во централниот дел на Лондон.

Некои од демонстрантите и на двете локации се обидоа да предизвикаат судири со полицијата, но специјалните полициски сили не дозволија протестите да се претворат во улични безредија.

Според „Анонимните“ вакви протести, како овие во британскиот главен град, имало во разни земји на светот „од Камбоџа до Мексико и од Чиле до САД и Канада“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.