Антиќ и останатите “јастреби” летаат високо на Истокот, Кливленд и Чикаго полека влегуваат во форма

Тимот за кој настапува нашиот Перо Антиќ, Атланта Хоукс ја продолжува победничката низа.

Иако и пред почетокот на сезоната важеа за тим кој ќе игра респектабилна улога во лигата, сепак тешко дека некој очекуваше по првите дваесетина натпревари “јастребите” да бидат на второто место во Источната конференција, веднаш зад единственото поголемо изненадување од нив, тимот на Торонто Репторс.

Како и да е, Атланта наликува на навистина компактен тим, покриен речиси на сите позиции. Од извонредниот Џеф Тиг кој ја игра својата најдобра сезона, преку одличните Кајл Корвер и Пол Милсап, па се до ол-старот Ал Хорфорд, кој по едногодишна пауза поради повреда се врати на терените и полека влегува во својата препознатлива форма.

Да не заборавиме дека и останати играчи во тимот играат одлично, па така тука се и стартерот Демари Керол, нашиот Перо Антиќ, Табо Сефолоша, ветеранот Елтон Бренд..

Атмосферата во тимот е на највисоко ниво, апетитите се зголемија, а доколку тимот биде поштеден од повреди, особено клучните играчи, нема да биде изненадување доколку “хоукси” стигнат и до конферециското финале. Ќе има уште многу натпревари, па останува да се види дали Антиќ и другарите ќе успеат да ја одржат формата во која моментално се наоѓаат.

Што се однесува до останатите тимови на Истокот, веќе погоре споменатиот Торонто Репторс е дефинитивно хитот во оваа конференција, барем засега.

Слично како и Атланта, и од Торонто се очекуваше да биде тим против кој ќе биде навистина тешко да се игра, но дури и најголемите оптимисти помеѓу нивните фанови не очекуваа дека по првата четвртина од сезоната ќе бидат на водечката позиција.

“Репторси” во својот ростер на играчи имаат неколку одлични кошаркари, пред се одличниот бековски тандем Кајл Лаури и ДеМаркус ДеРозан.

Двајцата играат одлична сезона и барем досега, успешно го предводат својот тим. Лаури е водечки стрелец во тимот со 20.1 поени по натпревар, додека ДеРозан просечно постигнува по 19.4.

Сепак, ДеРозан заработи незгодна повреда, па веќе неколку натпревари отсуствува од терените, но тимот и понатаму продолжува да игра одлично. Останатите играчи во тимот, како Литванецот Јонас Валанчиунас, потоа Амир Џонсон, Лу Вилиамс, Греивис Васкез, Лендри Филдс итн. успешно го надополнуваат отсуството на вториот стрелец во тимот, ДеРозан.

Барем засега, Торонто со скор 16-5 себично го чува првото место на Истокот, но ќе има исклучително тешка задача бидејќи тимови како Атланта, Вашингтон, Кливленд и уште неколку други и тоа како ќе се обидат да го запоседнат до крајот на сезоната.

Токму Кливленд е тимот кој се посериозно напредува на табелата, па по исклучително слабиот старт на сезоната, “кавси” конечно наликуваат на тим кој е еден од главните конкуренти за титулата, барем на хартија.

Тимот во моментов е во серија од 8 последователни победи, но ќе биде навистина тешко да се продолжи со оглед дека во петок наутро му гостуваат на тимот на Оклахома, кој по враќањето на Расел Вестбрук и Кевин Дурант играат се подобро.

Фантастичното трио кое беше создадено пред почетокот на сезоната, каде на веќе одличниот Кајри Ирвинг му се придружија и повратникот Леброн Џејмс и ѕвездата на Минесота, Кевин Лав, полека но сигурно почнуваат да ги прикажуваат игрите кои се очекуваат од нив.

“Кралот” Леброн е водечки стрелец во тимот со 24.8 поени по натпревар, додека одлични се и Кајри Ирвинг и Кевин Лав, со 20.8 односно 17.4 поени по натпревар. Леброн е водечки и во категоријата асистенти со 7.7 по натпревар, додека Кевин Лав е најдобар скокач во тимот со просек од точно 10 скокови по натпревар.

Клучна улога на Истокот, барем според почетокот на сезоната, ќе имаат и Чикаго, Мајами и Вашингтон.

Чикаго е сосема друг тим кога во своите редови го има заздравениот Дерек Роуз, кој заедно со По Гасол и препородениот Џими Батлер ќе бидат огромна пречка за било кој тим во лигата, а се очекува да бидат еден од водечките тимови на Истокот.

Мајами иако го загуби Леброн, сепак во тимот останаа Крис Бош и Двејн Вејд, кои заедно со новото засилување Луол Денг направија ново трио, кое барем засега функционира одлично. Сепак, доколку сакаат да котираат високо на табелата, ќе треба да добијат помош и од останатите играчи во тимот, пред се од Марио Чалмерс, Норис Кол и Џош МекРобертс.

Конечно, иако ќе делува од позадина, Вашингтон има тим кој е составен од одлични кошаркари, кои предводени од Џон Вол ќе атакуваат на конференциската титула.

Џон Вол и Бредли Бил, надополнети со ветеранот Пол Пирс, одличниот центар Марчин Гортат како и Бразилецот Нене, сочинуваат доста солиден тим, кој особено на домашен терен многу тешко губи.

Сепак со оглед на тенката клупа која ја има тимот од главниот град на САД, ќе биде навистина тешко да се издржи пеколното темпо на натпревари кое распоредот во НБА лигата го диктира.

Она што може да се забележи во источната конференција е дека иако квалитетот и талентот со кој располагаат тимовите не е како оној во западната конференција, сепак до крајот на сезоната ќе има прилично израмнета борба за пласман во плејофот, а особено ќе биде интересно на врвот, каде овие неколку тима ќе бијат битка за првите четири позиции и привилегии во разигрувањето за титулата.

Сепак сезоната е долга, напорна и неизвесна, па тешко е уште сега да се предвиди како ќе изгледа конечната табела на Истокот.