Антиќ: Македонските медиуми “сеат магла”

Главни виновници за лошиот имиџ во јавноста по неговото неодамнешно притворање во клуб во Њујорк во четири часот наутро, според Перо Антиќ, се македонските медиуми, кој не можел да разбере како во некои од нив дошло до „необјективното известување“ за причините за неговото одведување во полициска станица заедно со соиграчот, Тибо Сефолоша.

Крилниот кошаркар на НБА-лигашот Атланта хокс го изјавува ова во интервјуто за “Гласот на Америка” на македонски јазик, каде што се обидува да објасни што всушност се случи минатата недела, во пресрет на дуелот против Бруклин нетс, на кој воопшто не настапи.

“Магла има поради нашите медиуми. Дали не знаат да преведат или имаат некој вид на омраза спрема мене, не знам. Пренесоа сосема други причини за приведувањето. А се случи ова: нападнат беше мој соиграч, јас бев во кола, излегов, ги прашав зошто го апсат, ми рекоа да седам настрана, што го направив, но на крај ме зедоа со него. Јас никогаш нема да оставам другар во било која ситуација. Не беше праведно тоа што му се случи нему, а ниту и мене”, вели Антиќ.

Македонецот е убеден дека обвиненијата против него ќе бидат отфрлени.

“Има видео. Ниту сум попречувал, ниту интервенирал. Имам 33 години, две малолетни деца, на памет не ми паѓа да ја попречувам полицијата во работата. Имам поддршка од цел тим. Од претседателите, менаџерите, од тренерот и од соиграчите. Тие нѐ знаат добро и целосно застанаа зад нас”, дополнува “шестката” на Атланта.

Инцидентот за кој зборува Антиќ се случи пред ноќен клуб во кој претходно со нож беа избодени играчот на Индијана пејсерс, Крис Коупленд, неговата сопруга и случајна гостинка. Американските медиуми набрзо по настанот на големо известуваа за случувањата пред клубот “1ОАК” и постојано ги ставаа во ист контекст Коупленд и двоецот на Атланта, иако подоцна излезе дека станува збор за два изолирани случаеви.

Македонските медиуми своите информации најмногу ги базираа на вестите објавени во “Њујорк пост”, “Њујорк тајмс” , “Њујорк дејли њуз”, локалните тв-станици како и на новините кои излегуваа во “Атланта џурнал”(најинфомираниот за случувањата во и околу “јастребите”), а каде што воедно излегоа обвинувањата на полицијата кон Антиќ и Сефолоша. Двајцата кошаркари минаа неколку часа во полициска станица, по што беа изведени пред судија каде што ги дадоа своите искази по што беа ослободени. Следното рочиште од овој случај е закажан за 16 јуни.

Дотогаш, останува да се види дали Антиќ конкретно ќе каже кои медиуми најмногу придонеле за неговиот “лош имиџ”, како и што и кој “сеел магла” во однос на обвиненијата на полицијата, кои беа детално објавени дури и со “од збор до збор” сведочењата на полицајците.

Извор: Спортмедиа.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.