Антиќ се врати на паркетот

Македонскиот кошаркар Перо Антиќ се врати на паркетот по пауза од еден натпревар, а неговиот тим Атланта му се реваншираше на Милвоки за поразот од пред само еден ден.

„Јастребите“ на вториот меч за само два дена против Милвоки славеa победа од 90:85. Македонскиот центар Антиќ на теренот мина нешто повеќе од 16 минути и за тој период успеа да постигне само три поени, но беше солиден под обрачите забележувајќи 5 скокови. Џеф Тиг со 25 поени, 8 скокови и 7 асистенции беше предводник на Атланта до победата, додека Ал Хорфорд запиша 20 поени додавајќи 9 скокови.

Водечките екипи во двете конференции во НБА лигата на ноќешните натпревари постигнаа победи.

Торонто (Источна конференција) триумфираше против ЛА Клиперс на гости, додека Голден Стејт (Западна конференција) ја прекина серијата од два пораза и дома го победи тимот на Минесота.

Предводник на Торонто во победата над Клиперси од 110:98 беше Кајл Лаури со 25 поени, 7 асистенции и 3 скокови, а имаше голема помош од Јонас Валанчиунас кој забележа дабл-дабл од 22 поени и 11 скокови. На спротивната страна најефикасен беше Џеј Џеј Редик со 23 поени, Блејк Грифин постигна еден поен помалку.

Голден Стејт на домашен терен ја совлада Минесота со 110:97 и стигна до 24-тата победа во оваа сезона.

Очекувано, Стеф Кари со 25 и Клеј Томпсон со 21 поен беа најдобри кај „Вориорси“ кои остануваат најуспешниот тим во НБА лигата оваа сезона со 82,8 проценти успешност на 29 одиграни мечеви.

Резултати на ноќешните натпревари: ЛА Клиперс – Торонто 98:110, Шарлот – Орландо 94:102, Вашингтон – Бостон 101:88, Мајами – Мемфис 95:103, Чикаго – Њу Орлеанс 107:100, Бруклин – Индијана 85:110, Милвоки – Атланта 85:90, Јута – Филаделфија 88:71, Сакраменто – Њујорк 135:129 (продолжение), Голден Стејт – Минесота 110:97.