Антиќ: Семејството беше решавачки фактор да се вратам во Европа

Откако се официјализира дека Перо Антиќ е нов играч на Фенербахче, македонскиот кошаркар ги наведе причините за оваа негова одлука.

Во интервју за Атланта журнал, Антиќ вели дека е многу горд што ја остварил оваа цел во животот и ја претставувал Македонија во НБА-лигата како прв.

Играњето во НБА отсекогаш беше голема цел во мојот живот и горд сум што успеав да ја претставувам Македонија и да бидам прв, се надевам од многумина од мојата земја, кои ќе играат во НБА. Беше многу тешко да се донесе одлука да ја напуштам Атланта од повеќе причини. Моите соиграчи и јас постигнавме големи работи во овие две сезони и создадовме едно братство надвор од теренот. Тие засекогаш ќе ми бидат пријатели, вели Антиќ.

За причините за неговото заминување одлучно вели дека пресудило семејството и желбата да биде поблиску до него.

Секој што ме познава знае колку ми е важно семејството и колку сакам да сум блиску до нив. Моето семејство беше решавачки фактор. Сакам да му се заблагодарам на тренерот Бад и на целиот негов тим за сѐ што направија за мене и најважно, сакам да ѝ се заблагодарам на цела Атланта, на сите фанови за поддрката којашто ми ја даваа, заврши Антиќ.

Тој дојде во Атланта од Олимпијакос, во 2013 година, како актуелен европски шампион, а со Хокс успеа да го направи најголемиот успех во историјата на тимот, освојувајќи ја источната конференција во НБА-лигата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.