понеделник, 29 мај 2017  |  Вести денес: 40

Антикорупциска одби неколку приговори од СДСМ

133513114

Последни вести

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска на јавна седница одби неколку приговори од СДСМ во врска со член 8-а од Изборниот законик со образложение дека наводите во нив не се потврдиле. Комисијата ова го констатира откако до нив беше доставена документација од институциите и конкурсите за вработување на кои се однесуваа приговорите.

Министерството за правда до ДКСК доставило известување во кое се наведува дека не е извршен избор на нотари по оглас објавен во октомври 2016 година, по што беше констатирано дека наводите во приговорот на СДСМ не се потврдени и членовите на Антикорупциска го отфрлија.

АД Македонска пошта по допис од ДКСК информирало дека не е извршен избор на шалтерски работник и оти постапката е прекината, но исто така доставило и документи од кои произлегува дека подружница ГЦПС Скопје 2 има недостиг од шалтерски работници. Членовите на Комисијата го отфрлија приговорот.

И Театарот за деца и младинци од Скопје прекинал постапка за вработување на двајца актери за кои имале согласност од Министерство за финансии за 2016 година.

Антикорупциска исто така го отфрли приговорот СДСМ за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, односно за ставање камен телелник на градинка во општина Зрновце на 1 декември 2016, по распишувањето на изборите. Општината потврдила дека активности за изградба на градинка се отпочнати и дека се обезбедени средства, но оти не е ставен камен-темелник на објектот. Наводите од приговорот, како што беше посочено не биле потврдени.

Отфрлен беше и приговорот на Наталија Белчевска од Валандово против Агенција за вработување на Република Македонија. Членовите сметаат дека таа требала да се жали на изборот на кандидати на конкурсот во АВРМ, а не да се обрати до нив, бидејќи според документацијата на Агенцијата постапката е завршена пред изборниот процес.

Најчитани вести