Антимакедонизмот и урбаните сељачишта

Држава со ваква младина не треба да се плаши за својата иднина. Така беседеше Јосип Броз. Ама ете, порасна таа негова младина и попат растури цела држава во крвава граѓанска војна, па стана вазалска колонија покажувајќи го својот робовски менталитет подготвен да даде задник на оние што даваат повеќе грантови. Тука, во Македонија, истата таа порасната младина е на добар пат да ја растури и оваа држава, па дојдени сме во ситуација да не ни се сигурни ни сегашност, ни минато, а камоли иднина.

Најтрагикомични од сите, се оние што до вчера хистерично се пенавеа дека се менувала историјата со ставање споменици низ градот, а сега како последни глуперди напукани со грантови наместо мозочни клетки, мораат да се лигават и поддржуваат создавање комисии меѓу две држави за менување на истата таа историја. Ама па не можеш да сториш ништо кога станува збор за полупроизводи што некој ги убедил дека се урбана елита и авангарда, која, внимавајте добро, роботски се активира на копче кога тоа од нив го бара меијнстрим-политиката. И наеднаш, заради сите овие немислечки суштества, во гроб се превртува сета некогашна вистинска авангарда низ светот.

А, што се случи деновиве, додека јас инаетливо се држев на страна од сите телевизори и социјални мрежи за барем кусо време да си ги држам умот и срцето ослободени од отров и политичка моронштина?

Токму како што многумина тврдевме, во процедура влезе антиуставен закон за јазици, чија цел е федерализација и уништување на македонската држава, полицијата од режимска се ребрендира во демократска, па во духот на западната цивилизација почна да апси луѓе што протестираат против војна, мајки пентареа деца по американски тенкови, веројатно сонувајќи еден ден нивните чеда да пораснат како војници во некоја окупирана земја среде којзнае чија пустина за да им се вратат дома без половина глава и две нозе, ама па и дознавме дека пратениците ни се мртви уморни од седење во удобни фотелји, притискање копчиња и земање 1.500 евра плата. Во право се луѓето, од седење во толку меки фотелји при што притискаш толку тврди копчиња, на полпат меѓу газот и показалецот се создава болка во ’рбетот што те тера толку да се свиткаш што стануваш неподнослива глетка за некој што те набљудува отстрана. А, да, освен овие будалаштини ни се случи среде Скопје фудбалскиот Суперкуп на оној нели, непотребен и грд стадион на кој ќе му се срушеше доградената трибина и јас навистина не знам зошто нашава слободоумна власт сè уште не го викнала шпанскиот амбасадор за да го искара оти нивната национална телевизија ни руши добрососедски односи и евроатлантска иднина.

Што, не знаете? Уште никој не им фрлил некој грант на Соросовине шаренковци напикани по владини кабинети, да кренат глас против деструктивната шпанска телевизија? Шпанците јавија дека слетале во Македонија на аеродромот „Александар Велики“, се возеле по автопатот Александар Македонски за да го гледаат нивниот Реал Мадрид на арената Филип Македонски. Па, каде се да залелекаат и да се разбеснат бирократскине креатури од ЕУ, военине профитери и лудаци од НАТО и „дип стејтот“ на САД? На толку труд и кеш за да се уништи македонскиот континуитет и идентитет, види сега ова, некакви си шпански спортски коментатори, вака да ја оплескаат работата? Под итно да се отпуштат тие безобразни коментатори оти на прогресивната цивилизирана западна антимакедонска политика сигурно може да и’ зазвучат како оној забеган Путин, кој мртов ладен рече дека писменоста во половина Европа дошла од македонската земја со што така брутално ги навреди Бугарите, ама и се дрзна да спроведе македонска агресија врз Македонија. Срамота, па за што ги плаќаме сите оние поети и твитерџии напикани по владини кабинети, кај се да крикнат што шпанскана телевизија шири неприфатлива и антиевропска македонска пропаганда?

Ај што Шпанциве ја оплескаа, ама па македонсково оро на почеток од Суперкупот! Како не ти е срам ФФМ, тамам сите антимакедонски расположени прогресивци ве благословија што забранивте внесување македонски знамиња, бидуваше ли вака да ја промашите со орово? И како сега се чувствува нежното срце на Бујар Османи? Јас лично очекував Артан Груби да влета на терен со шипка во рака и како што му доликува на вистински маж да искрши неколку глави на играорки, ама изгледа човекот беше затечен од ненајавеното оро, ко да е неочекувано појавен дрон со знаме на кое се вее јасно изразена демократска потреба за одземање туѓи територии. Но, ако Груби беше затечен и не успеа да истепа барем една жена во носија што провоцира, тука беа нашите урбани сељачишта од социјалните мрежи. Спремно и активирано, од нивните малограѓански мозочиња излета добропозната омраза спрема македонските традиционални и културни вредности, па се запенавија против седумосминскиот такт, опинците и носиите, да си помисли човек дека нивните баби и дедовци дошле директно од иднината, море излегле од „Неоромансерот“, на Вилијам Гибсон.

Така ви е тоа кога покондирана тиква што на себе има ставено маска на не знам каква интелектуална величина затоа што успеала да склопи реченица од 140 карактери, првпат ќе одгледа некој голем спортски настан, па е затечен од фактот дека вообичаено земјата-домаќин се претставува со нешто традиционално и се чуди зошто наместо она чудно оро, не му текна на никој да ги донесе, што знам(?), „Фемен“, на пример или симболична геј-парадичка со што ќе се додадеше троа корисен активизам на еден спортски натпревар.

За крај, прочитав дека професорот Атанас Вангелов му се лути на министерот Алаѓозовски дека овој ќе двоел пари за промоција на албанистиката, ама не и за македонистиката. Оттука сакам да го поздравам професорот, да му посакам долг и успешен живот во кој сигурно ќе има да каже нешто кога двете комисии за усогласување на историјата ќе го усогласат Симеон Радев како личност што двете држави заедно ќе ја чествуваат, па може ќе има чест заедно со Каракачанов да се поклони на гробот на ресенчанецот, потписник на Букурешкиот договор за парчосување и укинување на Македонија.

Александар Русјаков за „Нова Македонија“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.