Во живо: Како се одвива антитерористичката акција во Париз

Специјалните сили на француската полиција (Раид) рано изутринава почнаа антитерористичка акција против вооружена група во Сен Дени, пренесе МИА.

Според повеќе француски медиуми, целта на акцијата е апсење на Абделхамид Абауд, кој се смета за организаторот на нападите во Париз од 13 ноември.

Електронското издание на весникот „Монд“ јави дека при акцијата се убиени најмалку двајца припадници на вооружените група.

Полицијата потврди дека „најмалку пет вооружени лица“ се забарикадирани во еден стан во близина на базиликата во Сен Дени.

Со полициската акција раководат антитерористичката дирекција и судската полиција, во рамките на истрагата за петочните напади во Париз.

Интервенцијата на полицијата се уште не е завршена, а на локалните жители им се препорачува  да не излегуваат од своите домови.

Повредени повеќемина полицајци

Според француските медиуми, при операцијата се повредени повеќе полицајци.

Првите истрели во регионот се слушнале околу 4:30 часот, а околу 5 часот покрај истрели, оддекнале и неколку детонации. Околу 5:20 интензитетот на престрелките се намалил, но во реонот почнале да се слуша завивање на сирени, веројатно на амбулантни и полициски возила.

Полицијата го евакуира плоштадот „Жан Жорес“ каде се наоѓа седиштето на општинската управа, а евакуирана е и една големата пешачка улица, како и уште две други улици.

Еден од петочните напади се случи во Сен Дени, кога во близина на стадионот „Стад де Франс“ се разнесе еден бомбаш-самоубиец, убивајќи едно лице и ранувајќи триесетина други.

Самоубиствен напад на двајца џихадисти

Двајца џихадисти, меѓу кои и една жена детонирале експлозивен појас. Тие го загубиле животот за време на полициската акција во Сен Дени, според полицијата.

Тројца полицајци биле повредени, а три лица биле уапсени во акцијата. Исто така има информации дека уште едно лице починало.

Инаку „Раша тудеј“ пренесува во живо што се случува во моментов во Париз. Погледнете!