Антитерористичка операција на турската полиција во Истанбул

Полицијата во Истанбул започна операција, во која се вклучени и хеликоптери, поврзана со нападот што беше изведен на новогодишната ноќ во истанбулскиот ноќен клуб „Реина“, при што беа убиени 39 лица, јавија турските медиуми.

„Хабер турк“ информира дека доцна синоќа полицијата реагирала на дојава и започнала операција во куќа што се наоѓа во истанбулскиот кварт Зејтинбурн.

Претходно, беше објавено дека турските власти утврдиле оти напаѓачот во тој дел од градот влегол во такси и оттаму заминал кон ноќниот клуб „Реина“.

Турските власти се близу до тоа целосно да го идентификуваат напаѓачот кој во текот на новогодишната ноќ уби 39 лица во ноќниот клуб во Истанбул.

napagac

Екипата од Одделот за борба против тероризмот во истанбулската полиција открила нова фотографија од терористот.

Турските медиуми јавија дека на оваа фотографија најјасно се гледа лицето на напаѓачот.

Се наведува дека фотографијата е извадена од едно од видеата на безбедносните камери.

Исто така, добиени се информации за отпечатоците од пристите и физичкиот изглед на напаѓачот.

Осговорност за нападот во ноќниот клуб во Истанбул презеде Исламската држава, истакнувајќи дека тоа претставува одговор на интервенцијата на Турција во Сирија.