Апел до македонската јавност

Длабоко разочарани од начинот на кој се водеа преговорите за името на нашата држава, Република Македонија, без државна стратегија, без политички и без национален консензус и со заобиколување на надлежноста на претседателот на Републиката.

Несогласувајќи се со содржината на договорот за промена на името, со кој се дерогира не само правото на самоопределување на македонскиот народ туку и флагрантно се крши принципот на владеење на правото, и вознемирени поради начинот на кој власта се справува со секое критичко мислење и отпор, користејќи политички притисоци, медиумска пропаганда, следење на неистомислениците и нивно јавно дефамирање како „психотични“ и „платеници“, како и со полициска бруталност од невидени размери во политичката историја укажуваме на следното:

1) Поздравувајќи секаков вид билатерална соработка и стратегиско партнерство, а особено мерки на градење доверба меѓу двете општества на еднакви основи, сепак договорот е во спротивност со одредбите на Уставот и законите, што покажува дека власта не водела сметка за владеењето на правото, а меѓународниот фактор се водел од прагматичен пристап за ставање крај на спорот, од геополитички причини.

2) Промената на Уставот, почнувајќи од преамбулата, повторната промена на некои веќе изменети членови по претходно барање од Грција, како и интервенцијата во сите одредби во кои се споменува Република Македонија, де јуре и де факто значи дерогирање на темелниот демократски принцип на народен суверенитет и суверена еднаквост на државите во меѓународните односи.

3) Примената на принципот ерга омнес во внатрешниот правен и политички поредок не само што значи дека се крши принципот на политичка независност закотвена во актите на ОН, туку на Грција и на пратениците на грчкиот парламент им овозможува да одлучуваат за нашето име.

4) Гледано низ историска призма, евентуалното применување на овој договор отвора врата за примена на ригорозни казнени и полициски мерки врз македонските граѓани, односно може да доведе до инсталирање полициска држава, која ќе биде вклучена во бизарен процес на „градење нова нација“ – сето она што во минатото го правеле туѓи и окупаторски власти, сега ќе треба да го извршува македонската власт врз сопствените граѓани.

5) Ветувањата за брзо интегрирање во НАТО и во ЕУ се лажни, бидејќи зависат од финалното решение, кое не е ниту на повидок, колку поради внатрешните констелации, толку поради состојбите на грчката политичка сцена. Членството во ЕУ не зависи од овој договор. Напротив, потребни се силни внатрешни реформи во сите сфери, за што оваа влада досега се покажа неспособна.

Поради тоа ги повикуваме сите граѓани, здруженија и политички партии да се обединат околу овој апел, а за спречување натамошно кршење на Уставот и на законите, евентуална манипулација со двосмислено референдумско прашање, вклучувајќи и бојкот доколку дојде до референдум! Бараме пратениците, но и вонпарламентарните партии, да ги употребат сите институционални и вонинституционални демократски методи заради отворање рационална дебата за нерационалното „решение“ што ни се наметнува со притисоци, уцени и со лажни ветувања!

Влада што не работи на зачувување на името на државата, но и на градење атмосфера на дијалог и кохезија на граѓаните без разлика на потеклото и идеологијата, на владеење на правото, борба против корупција, економски прогрес, подобар животен стандард не е легитимна.

Иницијативниот одбор на прогласот „200“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.