Апел до штипјани да не ја пијат водата

Општина Штип ги известува граѓаните на Штип дека водата за пиење во овој момент не е за употреба и истата треба да се користи само како техничка вода. Причина за тоа се обилните врнежи кои предизвикаа заматување на водата во бунарите и како мерка на безбедност уште еднаш апелираме истата да се користи само како техничка вода. Општина Штип ја следи состојбата со водостојот на реките во штипскиот и лакавичкиот регион, по излевањето на Лакавичка и Балталиска река, како и со поединото излевање на Брегалница, а посебно со истекувањето на вода од браната Мантово.

Поројните дождови и излевањето на реките предизвикаа големи штети пред се во Лакавичкиот регион, а во прекин е комуникацијата се неколку села. Во прекин е патнот сообраќај до селата Љуботен, Балталија, Пухче, Степанци и Суво Грло а екипи и механизација од приватни изведувачи веќе ги расчистува штетите и работат на воспоставување на патниот сообраќај. Без струја се селата Лакавица и Лесковица и во контакт со ЕВН веќе се преземаат мерки жителите од овие места да добијат електрична енергија . Без вода е селото Лакавица и ЈП „Исар“ веќе испраќа цистерни со вода за времено снабдување на жителите, се до повторно воспоставување на водоснабдувањето. Исто и во штип ќе има кружење на неколку цистерни за вода за снабдување на оние кои проблеми во водоснабдувањето. Информации за ова ќе има на веб страницата на ЈП „Исар“.

vreki1

По повлекувањето на водата од коритото на Отиња, утврдена е минимална штета на речното корито. Камениот ѕид кој беше граден покажа издржливост, а оштетување има само во третиот дел, веднаш до мостот кај црквата Свети Никола. Приватна механизација веќе работи на носење на нов тампон и земја, и враќање на овој дел од патеката и коритото во претходна состојба. Синоќа беше евидентирано и затнување на главниот колектор кај црквата „Свети Никола“ и со итна интервенција на ЈП „Исар“ за само 1,5 час поблемот беше решен.

Екипи на Општина Штип се веќе на терен и упатуваме повик до сите засегнати кои имаат да пријават штети да дојдат или во општината или да останат на своите места, каде ќе бидат посетени од наши екипи за проценка на штети кои ќе извршат архивирање на се што е уништено и оштетено.

vreki2

Со несебичен ангажман на вработените во „Кочанско поле“, луѓето од браната „Калиманци“, ТППЕ, „ЈП „Исар“, ЈП „Стипион“, МВР и АРМ спречено е излевање на реката Брегалница кај штипско Ново Село и со тоа предизвикување на поплави во домовите на семејствата покрај патот, како што беше случај во февруари 2013. Со поставување на вреќи песок, заштитени се домовите а во контакти со надлежните служби контролирано е нивото на река Брегалница за да се спречи излевање и предизвикување на штети на имотите на жителите од Ново Село.

Општина Штип искажува голема благодарност до овие субјекти, а пред се до МВР и припадниците на АРМ за несебичниот ангажман до раните утрински часови. Општина Штип е во постојана комуникација со претставници на Владините институции , вклучително и врвот на Македонската Влада за поддршка во денешното стабилизирање на состојбите предизвикано од поплавите.