Македонија

Апелација денеска ќе соопшти дали „бомбите“ ќе бидат докази во „Титаник 2“

Апелација денеска ќе соопшти дали „бомбите“ ќе бидат докази во „Титаник 2“

Апелациониот суд во средата треба да ја соопшти одлуката, дали ткн „бомбите“ што ги емитуваше сегашната владејачка СДСМ додека беше во опозиција, ќе се користат како докази во случајот „Титаник 2“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи во вторникот на јавната седница во Апелација ја образложуваше жалбата на ова обвинителство, и зошто „бомбите“ треба да се користат како докази. Одбраната не се појави во Судот.

Кривичниот суд на 2-ри октомври ги отфрли прислушуваните разговори на Специјалното јавно обвинителство како докази во обвинението за случајот „Титаник 2“, иако претходно на 18-ти септември Апелација прифати бомбите да бидат доказ во предметот „Триста“. СЈО поднесе жалба на одлуката на Основниот суд Скопје 1 Скопје за отфрлање на бомбите.

Апелационите судии треба да одлучат уште за тоа дали бомбите може да бидат доказ и во предметите „Тортура“ и „Титаник“.

Во едниот од двата разговора, поранешниот началник на УБК, Сашо Мијалков и претседателот на ДПА, Мендух Тачи, зборуваат во врска со изборите во 2013 година, и за приговори кои пристигнале до Државната изборна комисија (ДИК).