Апелација потврди – три години затвор за Даневски

Апелацискиот суд во Штип ја потврди казната од три години затвор за поранешниот претседател на Управниот одбор на АД „Џумајлија“, Слободан Даневски.

Во пресудата која денеска ја добија оштетените акционери и нивниот бранител Панче Докузов се вели дека фирмата на Даневски, кој е во бегство, но и неговиот брат, поранешниот градоначалник на Свети Николе, на државата треба да ѝ врати околу 11 милиони денари.

Акционерите на Џумајлија на оваа пресуда за злоупотреба на службената положба чекале, како што изјавија, цели 12 години. Сепак, се разочарани бидејќи во неа е изоставено нивното обесштетување. Најавија дека ќе продолжат да ја барат правдата на повисоките судови во земјава и во Стразбур.

– Акциониерите се оштетени и требаше да бидат обесштетени лично од Слободан Даневски. Во пресудата гледам дека се опфатени боновите од Министерството, брашното 970.000, потоа 960.000 денари земени пари од касата од Слободан Даневски. Што е проблемот, не знам, треба да видиме со обвинителството – рече Трајче Георгиев, еден од оштетените акционери.

Бранителот на акционерите Панче Докузов е задоволен од пресудата иако забележува дека наплатата на парите тешко ќе оди зашто Зоран Даневски е во бегство. За Докузов, случајот е прав школски пример за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во штипскиот и светиниколскиот Основен суд се водат неколку дела против браќата Даневски.