Апелација смета дека судијката во случајот „Поткуп“ незаконски одлучила ПИМ мерката да се користи како доказ

Судијката Дијана Груевска Илиевска, која му суди на премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“, незаконски донела одлука снимката од ПИМ  (посебни истражни мерки)  мерките да се употребува како доказ, одлучувајќи по барањето на одбраната оваа снимка да се издвои од доказите, објави Апелациониот суд во Скопје

Како што појаснуваат од Апелациониот суд, судијката откако го добила предлогот на одбраната оваа снимка да се издвои, требало одлуката да ја донесе на рочиштето и за неа да гласа советот, но наместо тоа, таа самостојно, вон рочиште, одлучила снимката и понатаму да се користи како доказ. Апелациониот суд ја поништи нејзината одлука и случајот го врати на повторно одлучување.

„Во текот на постапката и одлучувањето за предлогот на одбраната за издвојување на докази прибавени со посебни истражни мерки, поставен на рочиште за главна расправа, првостепениот суд постапил спротивно на предвидената законска процедура кога по предлогот на одбраната за кој не постоела согласност од странките, наместо одлуката да биде донесена од Советот кој бил во заседание, одлуката дополнително вон рочиште за главна расправа ја донел претседателот на советот со што во конкретниот случај излегол надвор од овластувањата утврдени со закон“, пишува во образложението на Апелација.

Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет за барање и за земање на поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на земјиште.