Аплицирајте за стипендии и студирајте во Романија

Министерството за образование и наука на Република Македонија информира дека во тек е конкурс за доделување на 85 стипендии за редовни додипломски, постдипломски и докторски студии на државните универзитети во Романија, за академската 2015/2016 година.

Стипендиите кои ги обезбедува Владата на Романија се наменети за странски државјани, а ги покриваат трошоците за школарина и сместување, како и дополнителен месечен паричен надоместок.

Студиите се реализираат на романски  јазик, а за кандидатите кои не го знаат романскиот јазик, пред почеток на студиите се организира подготвителен едногодишен курс.

Предност при селекцијата ќе имаат кандидатите кои се одлучиле за студии на политички и административни науки, романска култура и цивилизација, образовни студии, новинарство, технички студии, нафта и гас, земјоделие, ветеринарна медицина, архитектура, музика и уметности.

Подетални информации за критериумите и условите за студирање, како и за потребната документација за аплицирање можe да се најдат на специјализираниот интернет портал за доделување стипендии на Министерството за образование и наука на Република Македонија, www.stipendii.mon.gov.mk.

Крајниот рок за поднесување на апликациите до Министерство за надворешни работи на Република Македонија или до Министерството за национално образование на Романија е 15 март 2015 година.