Априлијада за Денот на шегата

По повод Денот на шегата 1 Април, на плоштадот „Македонија“ ќе се одржи традиционалната манифестација „Априлијада – Скопје се смее“.

Во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје претпладне од 11 часот ќе биде организирана забава за деца од градинките и од основните училишта. Ќе настапи фолклорната секција на ДКЦ „Карпош“, „Златно славејче“ и танцови групи од основните училишта. Годинашната „Априлијада“ ќе ја отвори градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Вечер од 21 часот, пак, на плоштадот ќе има ноќна забава и маскенбал, со настап на музичари, како Коста Костовски, Кристина Арнаудова, Сашо Гигов-Гиш, Александар Тарабунов, Лаура Крлиу, Биљана Дабеска, групата „The Noise Makers“, етнобендот Пиреја, а на крајот посетителите ќе ги забавува диџеј.

Априлијада 1

Општина  Центар за Денот на шегата во Младинскиот културен центар ќе организира фестивал „Во светот на насмевките“ со учество на деца од градинките во општината.

Комични арии, увертири, дуети и хорски нумери најави Македонската опера и балет која вечер организра „Стендап опера со Андреј“. Режисер е Цветан Стојановски, диригент Андреј Наунов, ќе настапат солисти, оркестарот и хорот на МОБ.

Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ вечер ќе додели награда за најдобра „Јавна маска на 2016“ изработена по принципот „Направи сам“. Во просториите на Центарот ќе биде организирана забава со музика и дружење.

Во трговскиот центар „Скопје Сити мол“ денеска ќе има дефиле на маски на ученици од основните училишта, забава со музика и учество на диџеи од популарни скопски радија.