Апсењето во Куманово не е поврзано со нападот во Гошинце

Во однос на вчерашната голема полициска акција во Куманово, во која беа уапсени две лица, од кои едниот ветеран од УЧК заради нелегално поседување на оружје и распрскувачки материјали министерката информира дека кај истите пронајдени се четири пакувања со по 200 грама ТНТ експлозив. Таа додаде дека засега овој случај не се поврзува со нападот на караулата во Гошинце, туку е дел од акцијата на МВР.

-Последниве неколку дена има многу шпекулации околу нападот во Гошинце и приведувањето, истакна Јанкулоска и апелираше медиумите да пласираат само проверени информации, за да не се шири паника и тензии кај граѓаните.

Таа увери дека безбедносните сили имаат капацитет да си ја завршат работата и додаде дека истражните дејствија за Гошинце се во тек, но повеќе детали не се откриваат за да не и се наштети на истрагата.

Министерката истакна дека е иницирана средба со Косово, како и дека МВР е отворено за сите информации што би можело да ги добие од таа страна кои би ги потврдиле или негирале претпоставките во врска со истрагата за случајот.

Во однос на вчерашните обвинувања на опозицијата која објави наводен телефонски разговор помеѓу министерката и директорот на ДБК, Сашо Мијалков за случајот „Сопот“ Јанкулоска напомена дека овој случај имал судска разрешница имал уште во 2003. година кога на власт била опозицијата, а дополнителен коментар не сакаше да даде бидејќи таа во тој период престојувала надвор од земјава.