Саудиска Арабија, Емирати, Египет и Бахреин ги прекинуваат односите со Катар

Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати во понеделникот последователно објавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, која ја обвинуваат за „поддршка на тероризмот“, во прв ред на мрежите на „Ал Каеда“, на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава и на панарапското исламистичко движење „Муслиманско братство“, а од Доха одговорија дека таквата одлука е неоправдана.

Покрај тоа, Катар е исклучен од арапската воена коалиција на сунитските земји коишто се борат во Јемен против шиитските и сунитските бунтовници предводена од Саудсика Арабија. Овој дипломатски потрес на Блискиот исток доаѓа петнаесетина денови по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Ријад, каде што побара од муслиманските земји да се пресметаат со верскиот екстремизам.

Службената саудиска новинска агенција SPA објави дека Ријад ги прекинува дипломатските врски и ги затвора границите со Катар „за да ја заштити националната безбедност од заканите на тероризмот и екстремизмот“. „Катар прими разни терористички групи за да го дестабилизира регионот, како Муслиманското братство, Даеш (арапската кратенка за Исламската држава) и Ал Каеда“, изјавил неименуван саудиски функционер.

И Бахреин преку својата службена новинска агенција ја оправда својата одлука, обвинувајќи ја Доха дека ја „поткопува безбедноста и стабилноста на (монархијата) и се меша во нејзините внатрешни работи“.

Египет, кој е најлиберлано поставен во однос на религијата меѓу споменатите земји, исто така, објави дека ги прекинува дипломатските односи со Катар поради „поддршката на тероризмот“. Владата во Каиро „реши да ги прекине дипломатскиет односи со државата Катар која е упорна во непријателското однесување кон Египет“, истканува егиептското министерство за надворешни работи во изјавата. Во египетското соопштение се додава и дека се затвораат „воздушните и поморските“ граници со Катар.

Како што пренесе телевизијата Al Arabiya, дипломатските односи со Катар, исто така, ги прекинал и Јемен. Според медиумите, владата на Јемен чијшто претседател е во егзил во Ријад, ги обвинила Доха дека ги поддржува екстремистичките групи во земјата. Истовремно јеменската влада ја поддржала и одлуката на арапската коалиција да го исклучи Катар од воените операции во Јемен.

Потоа беше објавено дека дипломатските односи со Катар ги прекунува и меѓународно признаената влада на Либија, во којашто по соборувањето на режимот на Моамер ел-Гадафи во 2011 година владе двовластеи со две влади и два парламента – во Триполи и во Бенгази.

Од Доха, пак, одговорија дека одлуките на споменатите арапски држави за прекин на дипломатските односи со Катар се неоправдани со таквите тврдења.

„Доха жали поради одлуката на Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин да ги прекинат односите и смета дека таквиот чекор е неоправдан, заснован само на тврдења“, се истакнува во писмената изјава на министерството за надворешни работи на Катар во кое се истакнува уверувањето дека „ќе бидат преземени сите мерки кои се неопходни за ваквите чекори да не се одразат врз економијата на Катар и на животот на неговите поданици“ и истовремено се изразува „жалење за затворањето на границите со Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахреин“.

Министерството, исто така, ги отфрла обвинувањата за вмешаноста на Катар во поддршка на терористичките групи и радикални идеологии во регионот.

„Катар е активна членка на Советот за соработка на арапските земји во Перисискиот залив (во кој членуваат уште Бахреин, Кувајт, ОАЕ, Оман и Саудиска Арабија – з.р.) и е посветен на неговите договори и го почитува суверенитетот на другите држави и не се меша во нивните внатрешни работи. Доха ќе ги исполнува своите обврски во поглед на борбата против тероризмоти екстремизмот“, ја цитира изјавата на дипломатијата катарската новиснак агенција.

Според властите на емиратот, Катар е на удар на информациска кампања којашто има цел да им наштети на интересите на државите на Блискиот исток.