Аргентина и Холандија подготвени за нова фудбалска војна

Далеку поголема неизвесност и дефинитивно помал број на погодоци се очекува на вториот полуфинален дуел, пресметката помеѓу вечните ривали на меѓународната сцена, репрезентациите на Аргентина и Холандија.
Ривалството помеѓу овие две репрезентации започна во 1978 година, кога Аргентина ја победи Холандија во финалниот натпревар, а продолжи во 1998 година, кога популарните “лалиња” ги елиминираа “гаучосите” во 1/4 финалната рунда од Мундијалот во Франција.

По пауза од неколку дена, селекторот на Аргентина, Алехандро Сабела на располагање ги има и услугите на брзоногиот напаѓач, Серхио Агуеро, но поради повреда на бутниот мускул, дуелот против Холандија од свечената ложа ќе го следи крилниот напаѓач на Реал (М), Анхел ди Мариа.
Сепак евентуалниот успех на Аргентина најмногу ќе зависи од играта и од ефектот на фудбалскиот “магионичар”, Лионел Меси, додека холандските фанови најмногу очекуваат од брзоногиот крилен напаѓач, Ариен Робен и од капитенот на “лалињата”, Робин ван Перси.

“Јас немам никаква дилема кога е во прашање голманската позиција. Крул е најзаслужен за пласманот во полуфиналната рунда, но против Аргентина на голманската позиција ќе биде Килесен. Очекувам многу тежок натпревар, очекувам голема борба и тактичко надмудрување во сите 90 минути. Можно е противникот да биде за нијанса поодморен, но ние сме 100% подготвени за овој голем предизвик. Аргентина има многу добри индивидуалци, го има Меси, но и Холандија може да се пофали со неколку фудбалери, со Робен, Ван Перси и Снајдер. Јас ќе кажам дека пласман во финалниот натпревар ќе обезбеди таа репрезетација која нема да направи ниту една грешка”, изјави предводникот на Холандија, Луи ван Гал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.