Аргентина повторно банкротира по 13 години

Поради неможноста да ги отплати долговите по неуспешните преговори со инвеститорите во Њујорк, Аргентина банкротира вторпат во последните 13 години.

Американските хеџ-фондови побараа Аргентина да им исплати 1,3 милијарди долари за хартиите во вредност кои тие ги поседуваат.

Буенос Аирес објави дека нема финансиски средства за исплата и ги обвини инвестициските фондови дека се обидуваат да ги искористат должничките проблеми на земјата со цел да остварат голем профит.

Њујоршкиот суд одреди рок до осум часот денеска по средноевропско време за постигнување договор со инвеститорите.

Аргентинскиот министер за економија Аксел Кисилоф доцна синоќа изјави дека инвеститорите ја отфрлиле најновата понуда на Владата. Тој истакна дека Аргентина нема да се согласи на ништо што би можело да ја компромитира земјата, нагласувајќи дека „лешинарите секогаш победуваат, а народот губи“.

Кредиторите се американски хеџ-фондови кои го откупиле аргентинскиот долг по поволна цена за време на големата криза во Аргентина и не се согласиле на негово реструктуирање.

Банкротот уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата во Аргентина, која е веќе погодена од рецесија и висока стапка на инфлација.

Се очекува последиците врз аргентинската економија сепак да не бидат трагични како во 2001 година, кога десетици луѓе загинаа во улични протести, откако властите им ги замрзнаа сметките на штедачите за да спречат повлекување на пари од банките.