Аргентина пред банкрот

Аргентина синоќа не успеа да постигне договор со кредиторите, кои пред повеќе од десет години не ги прифатија условите за реструктуирање на нејзиниот државен долг и сега бараат таа целосно да ги исплати обврските кон нив, изјави на прес-конференција во Њујорк аргентинскиот министер за економија, Аксел Кисилоф.

Посредникот во преговорите меѓу Буенос Аирес и американските хеџ-фондови, Даниел Полак, потврди дека на Аргентина ѝ се заканува банкрот поради неможноста да ги отплати издадените хартии од вредност.
Според одлуката на њујоршкиот суд, Аргентина требаше најдоцна до вчера да постигне некаков договор со инвеститорите, но, сепак, се очекува дека можеби разговорите ќе продолжат.
Инвеститорите бараат Аргентина да им плати 1,3 милијарда долари за хартиите во вредност кои тие ги поседуваат. Судот пресуди дека инвеститорите мораат да ги добијат парите до денеска на полноќ доколку не биде постигнат договор.
Кредиторите се американски хеџ-фондови кои го откупиле аргентинскиот долг по поволна цена за време на големата криза во Аргентина и не се согласиле на негово реструктуирање.

Аргентинската претседателка, Кристина Фернандез де Кирхнер, ги нарече „лешинари“ и ги обвини поради искористување на должничките проблеми на земјата со цел остварување голем профит.
Доколку хеџ-фондовите ги добијат своите пари, останатите инвеститори, кои претходно се согласиле нивната добивка да биде намалена до 70 отсто, исто така, би можеле да побараат целосна исплата.
Аргентина последен пат прогласи банкрот кон крајот на 2001 година поради што граѓаните тогаш загубија голем дел од своите заштеди.