Аргентинската подморница најверојатно експлодирала

Можно е аргентинската подморница „Сан Хуан“, којашто исчезна пред една седмица во јужен Атлантик, да експлодирала, објави во четвртокот аргентинската воена морнарица.

Портпаролот на поморските сили на Аргентина, Енрике Балби, ја отфрли можноста подморницата да била нападната и рече дека можно е експлозијата да се случила во внатрешноста на пловилото и дека не го разнела.

Меѓународната организација Договор за сеопфатна забрана на нуклеарните тестирања (CTBTO), којашто води глобална мрежа од станици за ослушување на можните тајни атомски експлозии, детектирала на 15-ти ноември „невообичаен сигнал“ во подморјето во близина на местото каде што исчезнала аргентинската подморница.

Подморницата „Сан Хуан“ пловела тој дена од Ушуаиа, најјужниот град на светот, во матичното пристаниште Мар дел Плата и се наоѓала на околу 300 километри од брегот кога пријавила дефект на електричните инсталации и последен пат ја испратила својата локација.

Две станици на CTBTO регистрирале невообичаен сигнал, соопшти оваа организација во писмена изјава, во којашто се додава дека оваа информација им е пренесена на аргентинските власти кои ја координираат потрагата по подморницата „Сан Хуан“ на којашто биле 44 членови на екипажот.

„Информацијата се совпаѓа со ‘хидро-акустичната аномалија’ којашто ја регистрирале сензорите на САД и на меѓународната организација“, изјави Балби.

Тоа, како што појасни портпаролот на аргентинската воена морнарица, би можело да биде „имплозија“ наместо експлозија, што значи дека била ограничена само на бродот и дека не го разнела.

Исчезната подморница, по којашто трагаат десетици бродови и авиони од Аргентина, САД, Велика Британија, Чиле и Бразил, е изградена во Германија за потребите на аргентинските поморски сили во чиј состав е вклучена во 1985 година. Таа е долга 66 метри, и достигнува брзина до 25 јазли.

Како што истакна Балби, три воени бродови од измината ноќ продолжуваат потрагата во оваа зона за да „воспостават контакт со подморницата“. Во четвртокот им се придружиле уште шест бродови кои се обидуваат да ја одредат локацијата на подморницата. Местото на којашто е регистрирана експлозијата, исто така, го надлетува авион „ Boeing P-8 Poseidon“ на американските воздухопловни сили, а потрагата продолжува, додаде Балби.

Според податоците коишто им биле доставен на властите на Аргентина, експлозијата била регистрирана во 10,31 часот по локално време, а последниот контакт со подморницата бил остварен во 7,30 часот.