Археолошка изложба на пронајдоците од 2007 до 2013 година

„Археолошка изложба 2013“ (ретроспектива 2007- 2013), која традиционално се одржува во овој период од годината како завршница од работата на археолошките наоѓалишта на македонската почва, ќе се отвори утре во Музеј на град Скопје со почеток во 14 часот.

Оваа година, изложбата ќе биде ретроспективна и ќе ги прикаже вредните пронајдоци, кои почнувајќи од 2007 до 2013 година, беа откриени на локалитетите Хераклеја Линкестидска, Скупи, Вардарски Рид, Стоби, Кокино, Плаошник, Тетовско Кале (Балтепе), Градиште – с. Кнежје, Taurisium (Таор), Стибера, Св. Преображение -с. Зрзе, Цареви Кули, Исар – Штип, Баргала и Градиште – Неготино.

Повеќегодишните истражувања на овие локалитети беа составен дел од програмата на Владата, а во координација со Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство беа реализирани од националните установи: Музеј на град Скопје, Заводите и Музеите од Охрид, Битола, Штип, Прилеп и Струмица, Музеј на Македонија, НУ Музеј Гевгелија, НУ Музеј – Куманово, НУ Стоби – Градско, Народен музеј – Свети Николе, Музеј на тетовскиот крај – Тетoво, како и со придружните активности на Националниот конзерваторски центар – Скопје.