Археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Пелице, Кумановско

Завршија годинашните археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Пелице, Кумановско, проект предвиден во Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

Екипа на археолози од Националната установа Музеј Куманово во соработка со стручни лица од Археолошкиот музеј на Македонија ги истражуваа правците на протегање и контурите на објектите од железното време, лоцирани во овој локалитет. Во годинашните истражувања пронајдени се значајни наоди, меѓу кои и голем број на фрагментирани керамички садови и делови од архитектура, кои се од исклучително значење за определување на културните обележја на праисторискиот период во североисточна Македонија.

Археолошкиот локалитет „Градиште“ кај Пелинце претставува комплексно повеќеслојно наоѓалиште. Од страна на Н.У. Музеј Куманово се истражува уште од осумдесетите години, кога беше откриено уникатно светилиште од раното бронзено време. Оттогаш, ископувањата се сконцентрирани на населбинското плато, каде што се регистрирани хоризонти на живеење од доцното бронзено време, преодниот период, раното и полното железно време, раната антика и траги на употреба и од римскиот период.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.