Аризабалага стана најскапиот голман на светот

Шпанскиот прволигаш Атлетик Библао во средата потврди дека неговиот млад голман Кепа Аризабалага ја уплатил својата откупна клаузула во висина од 80 милиони евра, како и дека сега е веројатно неговото преминување во Челзи, со што и официјално ќе стане најскапиот фудбалски голман на сите времиња.

Дваесет и тригодишниот Кепа Аризабалага во лондонскиот клуб ќе го замени Белгиецот Тибо Куртоа, кој заминува во Реал Мадрид. Куртоа, инаку, на неодамна завршеното Светско првенство во Русија беше прогласен за најдобриот голман.

Малку познатиот Аризабалага е во Атлетик Билбао од своите фудбалски почетоци, а на листата најплатени голмани на сите времиња го истисна Бразилецот Алисон Бекер, кој пред три седмици од Рома мина во Ливерпул за 75 милиони евра.