АРМ и Црвен крст помагаат на терен во Србија и БиХ

Армијата на Република Македонија (АРМ) денеска испрати помош во подрачјата погодени со поплавите во Србија и Босна и Херцеговина, врз основа на одлука на Владата.

Во Србија АРМ испрати обучен персонал со материјално-технички средства и опрема наменети за помош во вакви прилики. Кон Босна и Херцеговина од АРМ се испратени 3.000 ќебиња кои заедно со останатата хуманитарна  помош од Македонија се на пат кон поплавените региони во оваа држава.

Хуманитарниот контингент на АРМ е дел од контингентот на Република Македонија, со помош наменета за поплавените региони во Србија и Босна и Херцеговина, каде во текот на денешниот ден заедно со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување се упати кон Република Србија.

– На овој начин АРМ уште еднаш ја покажа подготвеноста за делување во услови на природна катастрофа и надвор од Република Македонија, како што во моментов е случај со поплавите во соседството и поширокиот регион на Балканот, соопшти Министерството за одбрана.

Црвениот крст на Македонија соопшти дека ќе испрати екипи и опрема за спасување во  поплавените подрачја во Србија и во Босна и Херцеговина.

Веќе се направени контакти со национални друштва на Црвениот крст на двете земји и им е понудена помош во гумени чамци, спасители, тим за проценка за хуманитарните потреби на населението и станица за прочистување на вода.

arm1

Согласна нивната проценка, во моментот населението во поплавените делови на Србија и БиХ има потреба од храна, средства за хигиена, нова облека и обувки, ќебиња, бебешка храна, вода за пиење.

Црвениот крст на Македонија информира дека парична помош може да се уплати на жиро сметка – Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка. Отворени се и посебни телефонски линии 075/070/077 143 400 на кои граѓаните со секој повик можат да донираат по 100 денари.

Собирен пункт, пак, за хуманитарна помош во Скопје е магацинот на Црвениот крст во Момин Поток, на адреса ул.Момин Поток бб, тел. 3096227. На локално ниво помошта може да се донира и во   општинските организации на Црвеиот крст надвор од Скопје.

Црвениот крст ги повикува компаниите и хуманите граѓани да се вклучат во апелот за помош на настраданото население. Хуманитарната акција започнува од денеска и ќе трае до 31 мај. За текот и резултатите од акцијата јавноста ќе биде навремено и соодветно информирана.

Извор:  МИА

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.