АРМ ја доби првата класа офицери- пилоти

Армијата на Македонија од денеска е побогата за четири нови млади офицери – пилоти од првата класа слушатели на стручно оспособување и усовршување на родот авијација, рече денеска министерот за одбрана, Талат Џафери.

„Резултатите кои ги покажавте во текот на вашата обука се потврда дека нашата земја има младина која е способна и мотивирана за постигнување одлични резултати по високи светски стандарди“, рече тој.

Воедно министерот Џафери истакна дека преку оваа свеченост каде е промовирана и првата жена-пилот во редовите на Армијата на Република Македонија може да се увиди дека и во пракса Министерството за одбрана ја спроведува резолуцијата 1325 на ООН по однос на родовата еднаквост.

 

На свеченоста на која присуствуваа и заменик-началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, како и државниот секретар во министерството, Сашо Стефаноски, министерот Џафери се осврна и на значењето на тукушто отворениот објект на Центарот во кој се поставени и новите симулатори од светски ранг.

 

„Пред неколку денови, во употреба го предадовме новиот мултифинкционален објект на Центарот за обука на пилоти во кој е вграден најсовремен софистициран автоматизиран систем и е опремен со симулатори за летање со хеликоптерите Ми-17 и Ми-24“, рече министерот Џафери на свеченоста. Летањето на симулатори, додаде тој, претставува нова димензија во обуката на пилотите и обезбедува одржување на потребниот тренаж на пилотите.

На свеченоста се обрати и деканот на Воената академија, полковник Орце Поповски, кој им честиташе на офицерите-пилоти, а воедно се осврна и на местото и значењето на Воената академија во образовниот систем на Република Македонија, но и пошироко, во регионални рамки.

Директорот на Центарот за обука на пилоти, Јаари Шрага, обраќајќи им се на четворицата промовирани пилоти рече: „Ве обучивме за секоја мисија со која може да се соочи секој пилот на хелокоптер и која ќе претставува предизвик во вашата кариера. Ви ги дадовме најважните и наефиксасните алатки со цел да ги изградите и да ги поддржите сите ваши идни летачки активности. Ние се гордееме со вас.“

На новинарско прашање поврзано со модернизацијата, како и одржувањето на хеликоптерите, министерот Џафери информираше дека поради несоодветствување на планираните средства со понудите за започнување на генерален ремонт на хеликоптери, министерството за одбрана не било во можност да ја реализира постапката во 2013 година. Како што додаде министерот, истата е планирана и за оваа година, со таа напомена дека последните понуди имплицираат на успешна реализација на соодветната процедура, со што во следните 4 -5 месеци ќе може да се направи избор.

Во рамки на договорот на Министерството за одбрана и „Елбит системи“ потребно е да се обучат 52 пилоти за потребите на воздухопловната бригада. Втората група на пилоти на хеликоптери за АРМ веќе ја заврши првата фаза од обуката, а наскоро се очекува да започне обуката на третата група и на кандидатите за пилоти.