АРМ ја реферира борбената готовност

Денеска во Домот на АРМ во Скопје, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески пред Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов изврши реферирање за борбената готовност (б/г) на АРМ во 2014 година. На реферирањето присуствуваа министерот за одбрана Зоран Јолевски, претседателот на комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија Емил Димитриев, истакнати раководители во МО и ГШ на АРМ и командантите на потчинетите команди и единици во АРМ.

На реферирањето, Претседателот Ѓорге Иванов од страна на Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2014 година, согласно функционалните области на АРМ.

2

Врз основа на извршената сеопфатна годишна анализа на Генералштабот, беше донесен заклучок дека АРМ во изминатата година и покрај објективните потешкотии и ограничувања, беше институција за пример во извршување на задачите, како во земјата така и во меѓународни рамки. Армијата успешно ги извршуваше мисијата и поставените задачи, при што борбената готовност беше на потребното рамниште. Од страна на НГШ на АРМ посебно беше истакнато успешното извршување на клучните задачи и проекти кои ја одбележаа измината година, како што се: успешно извршување на меѓународните мисии надвор од Република Македонија, притоа давајќи акцент на завршетокот на мисијата ИСАФ и почетокот на мисијата „Одлучна поддршка“ во ИР Авганистан, трансформацијата на АРМ согласно динамичкиот план, асистенција на институциите при елементарни непогоди и спасување, донесување на голем број на правила и упатства со доктринарен карактер и за регулирање на непречено извршување на сложени задачи и зајакната регионална и меѓународна армиска соработка.

Претседателот Иванов оваа прилика ја искористи да им честита на припадниците на Армијата на Република Македонија за нивната несебична ангажираност при издигнувањето во една од институциите со најголема доверба во државата. Нагласи и дека АРМ може да послужи за пример, а својата подготвеност, меѓудругото, армијата ја докажа преку задоволување на стандардите на НАТО, успешноста во извршување на меѓународните мисии, како и во справување со елементарни непогоди.

3

Министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека во 2015 година, АРМ ќе добие максимална поддршка за подигнување на борбената готовност. Министерот наведе дека Министерството за одбрана ќе продолжи со поддршка на армијата во успешното извршување на нејзината функција.

Како главни приоритети, но и мерки кои во 2015 година ќе придонесат за понатамошно јакнење и подигнување на степенот на борбената готовност и моралот на припадниците на АРМ беа издвоени: редовна пополна на АРМ со персонал, прилагодување на обуката според актуелните безбедносни предизвици и барањата на НАТО, продолжување со ангажирање на АРМ во мировните мисии, реализација на проектот ,,АРМ мој вистински дом“ и понатамошно подигнување на степенот на обученоста на припадниците на АРМ.

Во оваа прилика генералот Котески посебен осврт даде на процесот на модернизација на АРМ, согласно Долгорочниот план за модернизација во одбраната, кој е усвоен од страна на Владата на Република Македонија, како и на имплементација на концептот за резервни сили како клучен фактор во трансформацијата на АРМ, кој треба да заврши оваа година, а започна во 2012 година.