АРМ ќе лови мигранти

Претседателот Иванов информира дека АРМ ќе и помага на полицијата околу напливот на мигранти
Иванов: АРМ ќе и помага на полицијата за мигрантите

Заедно со полицијата, АРМ ќе лови мигранти, со оглед на напливот. Таа би била ангажирана на јужната и северната граница, како и по должината на Коридорот 10 каде најчесто транзитираат мигрантите.

Претседателот Ѓоѓе Иванов денеска ја посети јужната македонска граница и на преминот Богородица беше информиран од надлежните припадници на МВР за преземените активности и мерки, како и за севкупната состојба на терен. Иванов нагласи дека ние како држава сочуствуваме со судбината на овие луѓе кои состојбите во нивните земји ги натерале да ги напуштат домовите. Затоа, нагласи претседателот, им излегуваме во пресрет и им помагаме за сето она што им е неопходно додека транзитираат низ Македонија.

– Од промените кои ги имавме на Законот за азил досега евидентирани се преку 14.000 мигранти. Неопходно ќе биде на полицијата да и се излезе во  пресрет, бидејќи има потреба од дополнителни ангажмани со оглед дека во овој дел станува збор за околу 50 километри гранична линија каде што претежно бегалците доаѓаат од Грција во Македонија. Јас како претседател и Владата мора да преземеме активности. Армијата ќе биде ангажирана да го обезбеди овој дел од границата што го спомнав од околу 50 километри на јужниот дел, но и да се обезбеди северниот дел кај Табановце. Исто така, треба да се помогне на полицијата во обезбедување на Коридорот 10 преку кој транзитираат сите бегалци, изјави претседателот Иванов.

Тој посочи дека сите мерки што ги преземаат македонските власти се во согласност со мерките што ги презема ЕУ.

– Како држава  ќе ги следиме сите мерки и активности што ги преземаат членките на ЕУ и нашите активности ќе соодејствуваат со нивните активности. Така што се што ќе биде од нивна страна преземено мора ние да го преземеме, бидејќи во последно време има закани од насилен екстремизам и радикализам од Блискот Исток и од северна Африка. Кога станува збор за националната безбедност ние како држава мораме да ги преземе сите мерки и активности кои би превенирале несакани дејствија, изјави претседателот Иванов.

Иванов денеска во посета на граничниот премин Богородица

Шефот на државата денеска го посети граничниот премин Богородица, пунктот на МВР лоциран на железничката станица во Гевгелија каде се издаваат  потврди за искажување намера за барање азил, како и нелегален премин на границата со Грција кој најчесто го користат мигрантите за  влез во Македонија.

АРМ ќе и помага на полицијата во справувањето со напливот илегални мигранти
Голем наплив на мигранти на јужната граница

Според последната евиденција на МВР од примената на измените на Законот за азил од 19 јуни заклучно со денеска во 8 часот издадени се потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил на вкупно 14.311 странски државјани. Од нив според државјанство најборни се државјаните на Сирија (10.336), следат од Авганистан (1.182) и Ирак (761).

Од започнување на издавањето на потврдите до денес до Одделението за азил во МВР се поднесени 32 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда. Најголем дел од нив (23) се исто така државјани од Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.