АРМ на терен по вчерашното невреме

Претседателот Ѓорге Иванов издаде наредба за ставање на сите потребни капацитети на АРМ во справување со последиците од силното невреме од кое вчера најтешко беше погодено Скопје и околината.

-Началникот на ГШ на АРМ веднаш нареди ангажирање на дел од специјалните единици на АРМ и потребни средства за пружање на помош на загрозеното население и справување со последиците предизвкани од невремето. Тимови за пребарување и извлекување опремени со специјална опрема и товарни возила во текот на ноќта и сеуште, се ангажираат во околината на Стајковци, село Сингелиќ, населба Ченто и обиколницата на град Скопје, каде заедно со екипите на МВР и останати субјекти го пребаруваат теренот, се ангажираат на извлекување на загрозено население, добиток и заглавени моторни возила. Во текот раните утрински часови транспортен хеликоптер на АРМ заедно со претставници на МВР го надлетуваа погодениот реон од невремето заради комплетно извидување на теренот и увидување на потребите за понатамошно ангажирање, информираат од ГШ на АРМ.

Армијата на Република Македонија ги стави на располагање сите потребни сили и материјални средства за ангажирање во справување со последиците  на  невремето, при што во моментот е ангажиран дополнителен персонал, потребен број на моторни возила и материјални средства за пребарување на теренот, извлекување и помагање на месното население, како и достава на вода за пиење и останат неопходен материјал од собирните пунктови во град Скопје до погодените населени места каде тоа е најпотребно.

За таа цел претставник на АРМ се наоѓа во кризниот штаб на град Скопје заради непосредна координација за пројавените потреби и понатамошно  ангажирање на потребен број на персонал и материјални средства.