Армиите на Македонија и на Бугарија ќе ја унапредуваат воено-техничката соработка

Да се продолжи со развој и унапредување на воено-техничката соработка, особено во делот на обука на технички персонал во капацитетите на армијата на Република Бугарија за одржување тенкови и ракетни системи, се договорија на денешната средба началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески и началникот на ГШ на ВС на Република Бугарија, вицеадмирал Румен Николов, кој се наоѓа во тридневна официјална посета на Република Македонија, пренесува МИА.

На средбата била нагласена поддршката од Бугарија на заложбата на АРМ и на Република Македонија за полноправно членство во НАТО. Во таа насока, истакна началникот на ГШ на АРМ Котески, АРМ  и МО ги преземаат сите мерки и активности за зацврстување на позициите кои значат подготовка за нашето членство во Алијансата на престојниот смит во Полска.

Соработката меѓу двете армии ќе се продлабочува и со понатамошно школување на офицерите од АРМ во највисоките воени школи во Бугарија, како и учество на кадети од бугарската Воена академија на летниот кампус, што е во организација на Воената академија „Михаило Апостолски“ во Скопје.

Котески и Николов разговарале и за размена на капацитетите кои стојат на располагање а се однесуваат на обука. Од страна на АРМ, посочи началникот на ГП на АРМ, е понуден НАТО-Центарот за стратегиски комуникации,  школата за обука на пилоти и полигонот Криволаки.

– Во иднина сакаме да го предложиме на состанокот на началниците на ГШ на Балканските земји што ќе се одржи во Црна Гора да дадеме мерки и предлози кои ќе значат унапредување не само на воената соработка меѓу армиите, туку и одредени активности кои ќе значат унапредување  на соработката на сите армии од балканските земји, изјави началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.

Според началникот на ГШ на ВС на Република Бугарија, вицеадмирал Николов, како резултат на долгогодишната соработка и добрите соседски односи, армиите на двете земји треба да учествуваат во заеднички активности за зачувување на безбедноста на регионот.

– Со оглед на фактот што Бугарија 10 години е членка на НАТО, неопходно е да ги сподели искуствата со колегите од АРМ, а тоа ни дава основ да учестуваме во различни активности. Една од тие можности е вежбата на полигонот Ново Село во Бугарија заедно со вооружените сили на САД и членки земји на НАТО, да учествува и АРМ, изјави Николов.

Како што соопшти Министерството за одбрана, за време на престојот во ГШ на АРМ, адмиралот Николов ќе се сретне со министерот за одбрана Зоран Јолевски, а во текот на денот предвидено е да биде примен и од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Во текот на посетата делегацијата од Бугарија ќе посети дел од командите и единиците на АРМ, каде ќе се запознае со нивната мисијата, задачи и обука, а ќе има можност да посети и дел од културно-историските споменици во Република Македонија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.