Арсенал и Челзи одиграа одличен натпревар без победник

Во дербито од 22-то коло на англиското фудбалско првенство Арсенал и Челзи одиграа одличен меч во кој беа постигнати четири голови , а лондонските ривали ги поделија бодовите (2:2).

Натпреварот обилуваше со шанси за постигнување на голови, но Петр Чех и Тибо Курота иако примија по два погодока бранеа во голем стил. Арсенал прв поведе, за Челзи да направи резултатски пресврт, но во судиското продолжение „топчиите“ изедначија. Во последните моменти од мечот „сините“ може да дојдат до трите бода, но Давид Запакоста ја погоди стативата.

По првите 45 минути во кои возбудливите моменти се редеа пред двата гола но немаше погодок, Арсенал поведе во 63 минута со голот на Џек Вилшир. Изедначи Еден Азар четири минути подоцна од пенал, а потоа Маркос Алонсо во 84 минута го доведе, условно кажано, гостите во водство. Сепак, во втората минута од продолжувањето Ектор Белерин зедначи на 2:2.

Трагичар на мечот е напаѓачот на Челзи, Алваро Мората, кој трипати излегуваше сам пред Петр Чех. Двапати го промаши голот, а еднаш чешкиот голман му го одбрани неговиот удар. Одлична можност имаше и напаѓачот на Арсенал, Алекс Анчез во 16 минута, но топката ги погоди двете стативи и се одби во поле.

На табелата води Манчестер Сити со 62 бода, Манчестер Јунајтед е втор со 47 бодови, Челзи на третата позиција има 46 бодови. Арсенал е шести со 39 бодови.

Англиското првенство продолжува на 13-ти јануари, а овој викенд на распоред се мечевите од ФА Купот, додека кон средината на следната седмица ќе се играат првите средби од полуфиналето во Лига купот.