Арсенал поразен во дербито со Јунајтед

Во дерби натпреварот од 15-то коло на англискиот фудбалски шампионат Манчестер Јунајтед на гости го совлада Арсенал со 3:1 (2:0).

„Црвените ѓаволи“ до големата предност од 2:0 стасаа уште во самото отворање на натпреварот преку Валенсија во 4 и Лингард во 11 минута, па лондонските „топчии“ беа принудени да напаѓаат до крајот на целиот меч што создаваше шанси за напаѓачите за Манчестер Јунајтед.

Арсенал имаше дури 76 отсто посед на топката, упати дури 33 удари кон противничкиот гол, од кои 15 во рамките на голот, меѓутоа денеска одличниот Де Хеа со повеќе од единаесет одбрани го совлада само Лаказет во 49 минута намалувајќи на почетокот од второто полувреме на 1:2. Но противнападите на гостите беа многу опасни а неколкупати зголемувањето на разликата го спречи домашниот голман Петр Чех. Сепак, во 63 минута мораше да капитулира по третпат на овој дуел, а стрелец повторно беше Лонгард.

Јунајтед натпреварот го заврши со десет играчи во полето, бидејќи во 74 минута беше исклучен Пол Погба поради остар старт врз противнички играч Белерин. Францускиот интернационалец поради овој црвен картон ќе го пропушти големото градско дерби против моментално водечкиот на табелата Манчестер Сити.

Второпласираниот Манчестер Јунајтед со оваа победа привремено ја намали разликата со водечкиот Манчестер Сити на пет бодови, Сити кој во недела ќе го пречека Весте Хем Јунајтед има 40 бодови, а Јунајтед сега има 35 бодови. Арсенал е петти со 28 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.