Арсенал става крај на црната серија

Со евентуалниот триумф во финалниот натпревар од годинашното издание на англискиот ФА Куп, фудбалерите на Арсенал по пауза од цели девет години ќе донесат трофеј во клупските простории.

Популарните “топчии” ја имаат фаворитската улога затоа што за противник го имаат далеку помалку трофејниот ривал од англиската Премиер лига, тимот на Хал Сити.

Последната првенствена пресметка помеѓу двата тима заврши со убедлив триумф на Арсенал од 3:0, а најверните фанови на лондонскиот премиерлигаш најмногу очекуваат од германскиот интернационалец, Месут Озил, кој има шанса да покаже и да докаже зошто беа одвоени рекордни 42.5 мил. фунти за еговите услуги.

“Мојата иднина на “Емирати” не зависи од финалниот натпревар во англискиот ФА Куп. Како и да заврши тој дуел, јас сигурно и во следната сезона ќе бидам менаџер на Арсенал. Јас сум дел од овој клуб веќе 18 години и глупо е мојата иднина, или мојата одлука да зависи од само еден натпревар. Очекувам одлична игра од моите фудбалери и победа во финалниот натпревар. Сега е вистинскиот момент за да ги израдуваме најверните фанови”, изјави менаџерот на “топчиите”, Арсен Венгер.

Финалниот натпревар ќе биде одигран на фудбалскиот храм “Вембли”, а ќе стартува во 18:00 часот.