Арсовска на Самитот за климатски промени COP21 во Париз

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска учествува на 21. Самит за климатски промени COP21 во Париз кој започна на 30 номеври, а ќе трае до 11 декември.

Самитот го отвори претседателот на Француската Република Франсоа Оланд и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, а на главната сесија свое обраќање имаше и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Арсовска е учесник на самитот посветен на предизвиците за справување со аерозагадувањето кое, од друга страна, претставува и можност за создавање на нови производи и услуги или целосно нови пазари, исклучиво во насока на заштита на животната средина. Најголем фокус е посветен на можностите во инфраструктурата, транспортот, градежништвото, вода и третирање на отпад, ИКТ, но исто така и за можни модели за финансирање на овие проекти.

Првиот чекор кон ограничување на глобалното затоплување е создавањето на т.н. урбана одржливост, а тоа бара ангажирање на повеќе чинители. Во таа насока на едно место со претставници од целиот свет дискутираме за можностите за соработка со цел создавање урбана средина која ќе биде отпорна на климатски промени и во која емисијата на штетни гасови ќе е мининална, а со тоа ќе се овозможи поквалитетен и поздрав живот, изјави Арсовска.

На специјалната сесија на Самитот за климатски промени COP21 каде учество има Претседателот на Сојузот на стопански комори, главни говорници се претставници на Рокфелер фондацијата.

Целта на самитот во организација на Обединетите Нации во Париз е постигнување на глобален договор за ограничување на загревање на планетата. Учесниците на самитот во Париз најавија историски договор како би се избегнало  катастрофално глобално загревање. Ќе се обидат да го финализираат во наредните две недели, иако лидерите на најсиромашните држави на светот стравуваат дека ќе бидат оставени на маргините во текот на тие напори. Француската влада ќе ги предводи разговорите за тој договор, а шефот на дипломатијата Лоран Фабилијус апелира до сите учесници на преговорите да дејствуваат итно и да бидат спремни на компромис.