Арсовска Томовска: Опозицијата ја споменува администрацијата само пред избори

Изминатиот период некои политичари зборуваат дека ако дојдат на власт ќе бркаат луѓе од јавниот сектор.

 

Дали е тоа можно и каква е штетата од овие изјави? На оваа тема во Отвореното студио на ТВ Нова зборуваше Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

 

-Политичарите треба да бидат многу внимателни кога даваат вакви изјави, тие можат да им се вратат како бумеранг. Тоа што владата го има како заложба е да изградиме професионален сервис. Секоја калкулација со вработените во администрацијата е штетна, и политички е штетна. Ако кажете дека ќе ги избркате, практично врз себе го земате гневот на вработените, затоа што тоа им е гола егзистенција. Ако се обратите кон оние што се невработени тие ќе имаат надеж дека другите ќе ги избркате од работа, за тие да влезат на нивното место. Страшно е тоа што опозицијата за администрацијата зборува само пред избори, не слушнавме ниту еден конструктивен предлог, од избори на избори имаме изјави што служат за политички маркетинг и ја сведуваат администрацијата на голи бројки. Се трча по гласови и по освојување на симпатиите. Невкусно е на вработените да се гледа како бројки во штабските калкулации, рече Томовска.