Арсовска Томовска: Во јавната администрација работат 128.347 лица

Бројот на вработени во јавната администрација е 128.347 административци, вели министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска демантирајќи ги информациите изнесени од дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски.

„Од самите институции побаравме податоци за вработените и истите ги вкрстивме со податоците добиени од надлежните органи кои водат слични вакви евиденции. На тој начин, во Извештајот за 2015 година, преброивме 128.347 вработени, и нивниот број го објавивме институција по институција, за да нема никакви приговори. Овие и други податоци кои планираме да ги собереме во иднина, вклучувајќи ги половата, старосната, образовната и етничката структура, како и трошоците за плати на администрацијата, се од исклучителна важност за планирање на идните политики и тоа вработувањето, потребните профили на вработени, потребите за стручно усовршување, рационализација и мобилност на човечките ресурси и креирање на нов систем за плати во јавната администрација по принципот „иста плата за иста работа “- вели министерката Арсовска Томовска во интервју за „Вечер“.

Министерката Арсовска Томовска се осврна и на обвинувањата на СДСМ дека оценувањето на администрацијата можело да влијае на изборниот процес. Според неа овие тврдења на СДСМ се беспредметни и досегашната пракса во изминативе десетина години  не покажала никаква корелација помеѓу оценувањето на администрацијата и изборниот процес.

„Најмалку 10-те изборни циклуси откако е воведено оценувањето, покажале дека не постои никаква, ама буквално никаква корелација помеѓу оценувањето на државните службеници и изборите. Еве вас ве прашувам, кажете ми, дали е логично, согласно нивниот предлог, после 15 години оценување во јавната администрација, да се откажеме од овој систем? Ајде тогаш, ако во изборни години го укинуваме оценувањето на службениците, да го укинеме и оценувањето на полнолетните средношколци, да престанат со испити студентите, да го укинеме системот на плата по учинок на докторите… да ја застанеме државата и така да создадеме услови за фер избори по мерка на опозицијата… Затоа тврдам дека ваквиот повик на дополнителниот заменик е само обид за политичко профитерство, и сакам тоа да и биде јасно на целата администрација. Мене ми е навистина жал што тој (Кирацовски,заб.уред.) си дозволи една група вработени во јавниот сектор, службениците, да станат предмет на дневно политичка злоупотреба. Наместо како вистински лидер, нешто што од него го бара функцијата, да ја поведе администрацијата во реформа, да каже добри сме, но ајде да бидеме уште подобри, тој одлучи целиот свој мандат да го потроши прво на нивна лична дискредитација и партиско етикетирање, а потоа и на поигрување со нивните чувства и вршење на психолошки притисок дека од политички или партиски побуди преку оценувањето ќе бидат казнети или избркани од работа. Вработените немаат страв од злоупотреба на оценувањето… тие се уплашени од заканата на опозицијата за бркање од работа на целата администрација. Да не заборавиме и дека личните податоци на вработените и нивните оценки беа праќани по партиски штабови и објавувани по медиумите, што зборува за крајно несериозниот пристап и политизирањето на оваа тема.“, вели во интервјуто за „Вечер“ министерката Арсовска-Томовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.