Асад: Само со воздушни напади неможе да се поразат екстремистите на ИД

Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека со воздушните удари на коалициските сили не може да се поразат екстремистите на ИД во Сирија и дека затоа е потребно меѓународната заедница да почне да соработува со сириската војска на терен, пренесе МИА.

Во интервју за британски „ВВС“ тој ги отфрли наводите дека Дамаск се приклучил на меѓународната коалиција против ИД.

-Не, дефинитивно не можеме и не сакаме од една проста причина бидејќи не можеме да бидеме во сојуз со државите кои го подржуваат тероризмот, рече Асад мислејќи на поддршката која Запад им ја дава на другите бунтовнички групи на територијата на Сирија во борбата за негово отстранување од власт во Дамаск.

Истовремено тој потврди дека сириската влада прима некои општи информации за воздушните активности на меѓународната коалиција на своја територија во борба против ИД и негира секаква директна соработка.