Асад: Сирија не преговара со терористи

Сирискиот претседател, Башар ал Асад синоќа изјави дека ниту една земја не прифаќа преговори со терористи, па ниту Сирија нема да се согласи на тоа.

– Делегацијата која е формирана во Ријад е група предавници и терористи, рече Асад за сириската државна телевизија, пренесува МИА.

Асад, исто така, ги предупреди Турција и Саудиска Арабија дека евентуалниот упад на нивните копнени сили во Сирија ќе има „глобални последици“, истакнувајќи дека испраќањето трупи „нема да биде пикник“, пренесуваат американските медиуми.

„Прекинот на огнот се случува меѓу војската и државата, а никогаш меѓу државата и терористите“, порача Асад.

Тој кажа дека за решавање на судирот во неговата земја клучни се борбата против тероризмот и спогодбата за прекин на огнот на локално ниво, пренесуваат руските медиуми.

Асад појасни дека прекинот на огнот не значи дека страните ќе престанат да го користат оружјето, истакнувајќи дека никој не е способен да обезбеди услови за такво нешто во рок од една недела.

– Што се однесува на прекинот на огнот, прекинот на операциите, ако до тоа и дојде, тоа не значи дека секоја страна ќе престане да го користи оружјето, рече Асад.

„Прекинот на огнот на прво место значи оневозможување на терористите да ги зајакнат своите позиции. Преместувањето на вооружувањето, опремата или терористит, како и утврдувањето на позициите, нема да биде дозволено“, порача Асад, пренесуваат британските медиуми.

-Не е можно да има прекина на огнот без цел и временска рамка. Тие сега велат дека сакаат прекин на огнот во рок од една недела. Кој е способен да ги создаде сите тие услови за една недела? Никој, нагласи Асад.

Тој наведе дека секој процес на транзиција мора да биде во согласност со Уставоот на земјата и нагласи дека за Сирија борбата против тероризмот е приоритет и сега, и во иднина.